На денешната прес-конференција, беа изнесени новитети во ракометниот клуб Вардар. Борко Ристовски ќе биде нов извршен директор на клубот, кој го заменува Михајло Михајловски кој реши да се повлече од Вардар.
На пресот, Ристовски, ги запозна присутните со новата функција, а исто така ги потврди и новите засилувања кои изминатиов период беа поврзувани со Вардар.
-Сакам да му се заблагодарам на претседателот Михајловски за укажаната доверба, затоа што да се биде на оваа функција не е мала работа. Вардар е еден од најдобрите европски клубови, апсолутно најдобриот македонски клуб и тоа носи тежина и одговорност. Мене ми е чест што сум дел од тимот кој ќе го води Вардар и да го врати онаму каде припаѓа. Да му се заблагодарам на Михајловски за се што направи за Вардар и македонскиот ракомет, тој е повеќе од 30 години тука. Јас ќе се обидам сè она што го имам како контакти, пријателства и некоја тежина во спортот да го искористам и да му помогнам на Вардар.
Ова ќе биде еден поинаков чекор за мене, со големи одговорности, но подготвен сум сето она што знам да го пренесам. Верувам дека ќе бидеме успешни повторно. Некоја наша цел за оваа сезона е да го стабилизираме клубот, како на финансиски, така и на играчки кадар“изјави Ристовски.