Македонските репрезентативци, Борко Ристовски и Марко Мишевски и официјално се нови играчи на Европскиот Шампион. Денес двајцата ставија потпис на договор со Вардар до крајот на сезоната и тренерот Алушовски може да смета на нивните услуги.
По шест години играње во странство репрезентативниот голман Борко Ристовски (37) повторно ќе го облече дресот на Вардар. Претходно двапати беше дел од Вардар, и тоа во периодот од 2001 до 2003 година, и во периодот од 2010 до 2012 година. Зад себе има огромно играчко искуство со играње во различни лиги. Настапувал за екипите на Работнички, Југ, Македонија, Металург, Теукро, Алгесирас, Гумерзбах, Ал Ахли, Кретеј, Рајн Некар и Барселона. Последен клуб за кој настапуваше Бенфика од Португалија.
Повратник во тимот после само шест месеци е и Марко Мишевски, новиот репрезентативец на Македонија, кој настапува во одбраната и левата бековска позиција. Минатата сезона беше дел од Вардар со кој ја освои и Европската титула. Во Вардар доаѓа од екипата на Гренобл, која се натпреварува во третата француска лига.
Првиот предизвик ќе го имаат на 8.март кога Вардар гостува во Нашице, кај екипата на Нексе, во рамките на првиот 1/4 финален меч од СЕХА-лигата.