Вечерва финишираше турнирот во организација на ракометната школа Илинден-Вардар, која е дел од Академијата на Вардар и постојан учесник во “Јуниор“ лигата. Кај генерацијата 2004/05 првото место му припадна на домаќинот на турнирот, Илинден кој во финалето го “преслуша“ Бисинов.
РК Илинден пак уште еднаш докажа дека моментално е најдобрата школа во оваа возрасна генерација, совладувајќи ја уште еднаш екипата на Бисинов, но овој пат убедливо со резултат од 27:11. Инаку ова беше натпревар и на двете најдобри школи од минатата сезона во “Јуниор“ лигата, кога во финалето исто славеше Илинден на Дарко и Александра Јаневи.
“Гладни“ за победа и со голем мотив за докажување, влезе во ова големо финале екипата на Илинден, која го “прегази“ тимот на Бисинов. Илинден ги имаше расположените за игра Андреј Петрушевски и Матеј Трајановски, кои речиси ја наполнија мрежата на Бисинов, тоа се всушност и играчите кои се дел и од пионерите на РК Вардар, па тренерот на црвено-црните, Зоран Петковски-Зенга имаше што да види на овој меч.
Бисинов долго време во првото полувреме даваше отпор, кога избраниците на Јанев имаа постојано водство, но не поголемо од три гола разлика. Така беше при резултат од 6:3, кога за последен пат на мечот, екипата на Бисинов беше рамноправна и најблиску до водството на Илинден (6:5). Од тие моменти имаше само една екипа на теренот, а тоа беше Илинден кој до крајот на првото полувреме направи серија од 6:0 и по истекот на првите 20 минути имаше убедливи 12:5.
Ниту во второто полувреме, Бисинов немаше одговор за расположените левораки играчи на Илинден, тоа се Петрушевски и Трајановски кои делуваа многу разиграно и речиси секој нивни удар завршуваше во мрежата на Бисинов. Овој дел од мечот започна со продолжување на серијата на Илинден, кој зголеми веќе на 14:5, по што беше јасно кој ќе биде победникот на турнирот. Како да вечерва започнал турнирот за избраниците на Дарко Јанев, кој сигурно дека и самиот не веруваше дека неговите избраници на ваков убедлив начин ќе го совладаат ланскиот финалист во “Јуниор“ лигата.
Намалија избраниците на Никола Бисинов на 14:6, но гледаме нова серија на Илинден од 3:0, за веќе двоцифрена предност од 17:6. На секој гол на Бисинов, Илинден одговараше со серија од неколку погодци, така беше и кога тие намалија на 19:8, за да следи нова голеада на Илинден, за зголемување на 23:8. Последните минути од ова големо финале беа само рутина и полесен тренинг за Илинден, кој слави голема победа со резултат од 27:11
Рековме кај победникот се истакнаа Андреј Петрушевски со 12 и Матеј Трајановски со 7 голови. Кај Бисинов единствено расположен за игра беше Петар Стојановски, кој постигна 7 голови. Со четири победи и еден нерешен резултат, Илинден заслужено го освои турнирот, достоен отпор им даде само екипата на Карпош и тоа во првото коло, кога овие екипи одиграа со нерешен резултат.
Екипата пак на Аеродром успеа да го освои првото место на турнирот “Илинден 2017“ во возрасната генерација родени 2006/07 година. Тие во големото финале ја совладаа екипата на РК Бисинов, со резултат од 5:9.
Очекувано мал број на погодоци во финалето, во кое двете екипи ја посакуваа победата. Сепак како подобри и поснаодливи на крајот излегоа аеродромци кои го освоија златниот медал. На стартот од мечот ти поведоа со 0:2 и со оваа разлика отидоа и на полувреме, кога резултатот беше 3:5. Во два наврати Бисинов се доближи до само еден гол негатива, а највисоката предност на Аеродром беше три гола. На стартот на второто полувреме, екипата на Бисинов го намали резултатот на 4:5, но следееше серија на Аеродром од 0:3 и највисоко водство од 4:8. Немаше време за некои возбудувања, па на крајот конечниот резултат гласеше 5:9.