Денес во спортскиот рекреативен центар Кале се одигра дербито во првата ракометна лига, помеѓу екипите на РК Вардар 2 и Младост. Во еден квалитетен натпревар, избраниците на Зоран Петковски успеаа на крајот да слават триумф со резултат 30:24.
Натпреварот започна со цврста игра на двете страни, каде посебен акцент беше ставен на одбраните. Младост беше тимот кој прв постигна гол и тоа во првата минута, а во следниот напад црвено-црните го израмнија резултатот. Потоа следуваше период каде двете екипи немаа постигнато гол, за лошата серија да ја прекине Вардар и во 9 минута преку Стефан Крстевски да има водство од 2:1. Веднаш гостинската екипа од Богданци го израмни резултатот. Во наредните десет минути се играше гол за гол на двете страни. Нашиот голман, Јагош Брауновиќ беше одличен на голот и не дозволуваше Младост да биде во водство. За прв пат една од екипите стигна до два гола предност, а тоа беше нашата екипа која со головите на Мишевски и Стошиќ во 22 минута поведе со 7:5. Поранешниот репрезентативец на Македонија, како и играч на Металург и Вардар, Митко Стоилов постигнува гол и намалува на 7:6.
Без оглед што противникот во своие редови имаше поранешни репрезентативци и играчи со поголемо искуство, младите избраници на Зоран Петковски без респект влегоа во овој дуел. Како се ближеше првото полувреме игравме се подобро, за на пет минути пред крај со нов гол на Крстевски да имаме три гола разлика (9:6). За момент намали екипата на Младост на 9:7, но потоа следеше фуриозен финиш на Вардарци кои направија серија од 4:0, со погодоци на четири различни играчи. Во тие моменти погодуваа Атанасовски, Гичев, Крстевски и Димитров. Со истекот на сирената, Митко Стоилов постигнува гол и намалува на 13:9, резултат со кој се замина на одмор.
Младост го постигна првиот гол во второто полувреме и намали на 13:9. Веднаш врати Крстевски, кој денес одигра одличен меч. Застана на голот Кристијан Стојов, кој имаше неколку одлични одбрани, меѓу кои и удар од седум метри. Двете екипи постигнаа по два гола, за резултат о 15:11 на семафорот во 35 минута. Сепак разиграните Вардарци, повторно се одлепуваат на највисоки шест голови, Повторно Крстевски во 40 минута носи предност од 18:12. Младост не дозволуваше Вардар да “побегне“ на голема разлика, па во 44 минута намали на 20:16. Во следните пет минити следи нова голема серија на Вардар од 4:0 за во 48 минута да има предност од осум гола (24:16). Во тие моменти, Вардар ги анулираше оние седум гола негатива од првиот дуел одигран во Богданци.
Многу интересен натпревар гледавме на Кале, каде Младост изгледаше немоќно пред младата екипа на “Зенга“. Стојов е феноменален на голот, а Крстевски во напад ја полни противничката мрежа. Ги враќаме најголемите осум гола во 53 минута со погодокот на Крстевски од седум метри (26:19). Пикерот Атанасовски постигнува гол и носи предност од 28:19 на три минути пред крајот. Сепак на крајот Младост успеа да го намали резултатот, за 30:24 по истекот на 60-те минути.
Големо браво за оваа млада екипа ан Вардар, која денес покажа врвен ракомет и не потклекна пред искусниот состав на Младост. Стефан Крстевски денес беше најефикасен со 8 голови.
РК Вардар 2: Петковски, Дамчески, Чакалиќ 3, Крстевски 8, Мишевски 4, Трајковски, Димитров 2, Апостоловски, Гичев 2, Лазов 2, Стојов, Ѓоршоски 2, Брауновиќ, Стошиќ 1, Амзоски 3, Атанасовски 3.