Ракометниот клуб Вардар одржа прес-конференција на која ги изнесе новитети во пресрет на новата натпреварувачка сезона и тоа како клубот ќе функционира.
Акцент беше ставен и на младинската школа, која изминативе три години како и да не постоеше, односно малку се вложуваше во младите ракометари. Со назначувањето на Борко Ристовски како извршен директор и на Стојанче Стоилов, како координатор на младите категории, се надеваме дека тоа ќе се смени, а такви најави доаѓаат и од самите нив, кои на прес-конференцијата исто така обрнаа внимание на овој дел.
-Ќе се возобнови и ракометната академија, оформени се екипи во младинска, кдетска и пионерска екипа. Во план е отворање ракометни школи во Скопје и во цела Македонија. План е Вардар повторно да биде стабилен клуб и да произведува играчи, истакна Ристовски.
-Годинава јас ќе бидам координатор на младите категории. Низ годиниве се запоставија младинските категории и сакаме тој пропуст да го смениме, сакаме да работиме со младите. Ракометот беше спорт број еден во Македонија и многу деца го сакаат клубот и сакаат да бидат со нас, истакна Стоилов.
Се очекува во новата сезона, Вардар да има екипи во сите возрасни категории и полека да се врати во најдобрите денови кога клубот имаше силна младинска школа, која треба да „произведува“ играчи и за првиот тим.