Thursday ,28 March 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Втор тим > РК Вардар Јуниор немоќен во дуелот со Тинекс Пролет

РК Вардар Јуниор немоќен во дуелот со Тинекс Пролет

Денес во спортскиот рекреативен центар Кале се одигра натпревар од плеј аутот во супер лигата, помеѓу екипите на Вардар и Тинекс Пролет. Поуспешен беше противникот, кој славеше убедливо со резултат 20:29.

Тинекс Пролет имаше добар старт на натпреварот, кога поведе со 1:5, по што Вардарци беа принудени цело прво полувреме да “бркаат“ негатива. Сепак не му дозволивме на противникот предвреме да се одлепи резултатски, па во наредниот период ја намалувавме негативата, која најчесто се движеше два гола предност за гостинската екипа. Репрезентативното крило Мартин Поповски беше најрасположен за игра во нашиот состав и одржуваше каква таква резултатска рамнотежа. Сепак до крајот на првото полувреме, Тинекс Пролет ги врати оние четири голови и на одмор замина со водство од 9:13.

На стартот на второто полувреме по еден гол на двете страни за резултат од 10:14. Младиот состав на Стојан Петрушевски немаше сили да му парира на противникот, кој набрзина стигна до предност и од шест голови и во продолжение од мечот имаше целосна контрола на резултатот. На крајот триумфот испадна и убедлив за екипата на Тинекс Пролет.

Најефикасен кај Вардар беше крилото Мартин Поповски, кој мечот го заврши со 8 постигнати голови. Црвено-црните ја продолжуваат битката за опстанок во супер-лигата, со екипата на Металург 2, каде моменталната предност е четири бода повеќе за Вардарци, но и натпревар повеќе од тимот од Автокоманда. Во следното коло гостуваме на последнопласираниот тим на Работнички.