Веќе е зад нас првата сезона која беше навистина успешна во ракометната “Јуниор“ лига, таа е целосен проект на ракометниот клуб Вардар. Повеќе од 20 ракометни школи низ цела Македонија ја имаа можноста да се натпреваруваат, надигруваат, но истовремено да стекнуваат нови искуства, познанства и пријателства. Познати се победниците во сите возрасни генерации, во машкиот и женскиот дел на Јуниор лигата. Овој досега единствен проект на теритиоријата на нашата република наиде на воодушевување кај сите ракометни школи, тренери и играчи кои од најмлади до највозрасни беа дел од ова натпреварување. Една од школите која учествува и забележува добри резулати е ракометната школа на Гостивар. За впечатоците, анализи, и мислење околу овој проект Вардар фанс разговараше со една од најповиканите личности во клубот Гордана Ѓорѓиоска која ја извршува фунцијата Претседател на ГРК Гостивар.
Како ја оценувате првата сезона во Вардар јуниор лигата во која учество зема и вашата ракометна школа?
Вардар Јуниор Лигата полека но сигурно чекори по вистинскиот пат да прерасне во еден голем и стабилен проект. Како почеток на еден ваков проект до сега непознат за нашиве простори најнормално и очекувано беше дека ке наидеме на некои бариери и пречки, но сите бевме свесни за предизвикот,за посветеноста и пожртвуваноста која што си ја бара спортот од нас како спортски работници и во ниеден случај тоа не го гледавме како недостаток или проблем. Лигата функционираше во најдобар ред дури и повеке од генерално нашите очекувања и се разбира дека со време ке се доведеме до едно префектно ниво, кое што и доликува на еден ваков проект.
Дали учеството во едно вакво сериозно и добро натпреварување донесе бенефит за вашата школа, подобри услови, зголемување на фондот на млади играчи кои сакаат да се играат ракомет ?
Секако нашето искуство со млади категории не беше на потребото ниво, поради условите во кои што работевме. Вардаровата Лига му даде еден нов тек на работите и условите кај нас, со тоа што најважниот дел на нашите столбови како клубови, а тоа се најмалите учесници добија шанса да низ тој систем на натпревари ги заиграат и своите први утакмици. Сето тоа допринесе и за поголем интерес на најмладите за спортот па и за ракометот воопшто. Нашата школа во мометот брои околу 70 членови, бројка која што очекуваме веке со наредната сезона да се зголеми, поради интересот кој што го имаме до сега. Впечатоците и емоциите на учесниците во Лигата не можат да се пренесат со зборови, тоа е чувство кое што треба да се доживее заедно со нив,пред,за време и после натпреварот.
Колку деца од вашата школа се препознаени како квалитет, дали досега имате официјално регрутирани членови од ГРК Гостивар за младите ракометни категории на нашиот клуб Вардар и кои се тие ?
Вардаровата Лига даде голем резултат со континуираниот систем на натпревари, можноста секој учесник да си ги измери силите со свој врсник, да научи нешто плус, да се надогради со натпреварувачки ритам и дух, секако тоа доведе до еден позитивен резултат и напредок и кај нас како тренери, па и кај играчите. Генерално од нашето учество, како и од покажаните резултати на нашите учесници сме задоволни, затоа што секој нивен успех е и наш успех, а за сето тоа говори и тоа дека во поединечни категории имавме и најдобри поединци, со генерацијата 04/05 го освоиме второто место во Лигата. Имаме регрутирано 3 играчи за младинските категории на РК ВАРДАР, станува збор за Небојша Василевски, Христијан Димитријески и Филип Илиески.
Што очекувате од следната, втора сезона на големиот црвено-црн проект “Вардар јуниор лигата“ ?
Во следната сезона очекуваме поголем успех и резултати, но се уште е рано да се зборува за тоа,ние продолжуваме континуирано и напорно да работиме со децата, со исто темпо и квалитетна работа, во тек сме и на формирање на женски екипи во различни категории, па ке оставиме времето и работата да го покажат своето, но се надеваме дека и понатака ке создаваме квалитетни млади ракометни таленти.
Звонко Ивановски