Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > Монпелје е наш стар „должник“ , Вардар со победа сака да ја заврши групната фаза
Монпелје е наш стар „должник“ , Вардар со победа сака да ја заврши групната фаза

Монпелје е наш стар „должник“ , Вардар со победа сака да ја заврши групната фаза

Денес на програмата е последното коло во најсилната група А од Лигата на Шампионите, за екипата на Вардар. Во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува актуелниот шампион на Европа, тимот на Монпелје.

Вардарци во последното коло ќе се обидат да завршат на второто место, иако тоа не зависи се од нив. Сепак победа од вечерашниот меч е императив за црвено-црните, без разлика од исходот на дуелот во Полска, помеѓу Киелце и Веспрем. Тимот од Франција е наш голем должник од минатата сезона кога успеа да не победи во полуфиналето на завршниот турнир во Келн, тоа беше и единствената победа на Монпелје во дуелите со Вардар. Претходно се сретнавме во сезоната 2014/15 кога во Скопје славевме со резултат 30:26, додека на гостувањето во Франција одигравме со нерешен резултат. Во групната фаза се сретнавме и следната 2015/2016 сезона кога Вардар ги доби двата меѓусебни дуели со овој противник, и тоа убедливо, во истава сала каде денес ќе се одигра мечот забележавме голема победа од 34:26, додека триумфиравме и на гостински терен со резултат 25:30. Вардар го доби и првиот дуел оваа сезона и тоа на отварањето кога го победивме Монпелје со резултат 24:27. Уште еден податок оди во корист на Вардар, тоа е дека нашиот шампион никогаш не загубил натпревар на домашен терен од француска екипа. Што се однесува до тимот на Монпелје, оваа сезона воопшто не ги оправдаа очекувањата, не само на своите навивачи, туку и на љубителите на Европскиот ракомет, па избраниците на Канаје се наоѓаат пред елиминација уште во групната фаза. Во групата до пред овој меч имаат само три победи, од кои две се на домашен терен и една на гостувањето кај екипата на Киелце.

Најголемата опасност по нашиот гол сигурно дека ќе доаѓа од Мелвин Ричардсон кој е водечки стрелец во Лигата на Шампионите, како и од неговите репрезентативни колеги Валентин Порт и Метју Греби, потенцијалната опасност е и нивниот голман, Винсен Жерард кој знае да влезе во серија на одбрани и да има добар ден. Во екипата ќе недостасува нивниот организатор на играта, се работи за аргентинецот Диего Симонет.

Во составот на Вардар за денешниот дуел повторно го нема Борозан, единствен на позицијата лев бек останува Дисингер. Црвено-црните нема што да загубат, напротив тимот на Монпелје е тој кој е под голем притисок на овој меч. Дали после одигрување на овој дуел, ќе биде познато дека оваа година ќе има нов владател на Европа останува да видиме. Вардар сигурно е дека ќе има голема поддршка од своите навивачи, се очекува полна сала, иако се уште има билети за продажба, се надеваме дека денес истите ќе бидат распродадени.

За сите кои нема да бидат во сала, пренос од мечот ќе можат да проследат на Арена Спорт 3. Одиме на победа, ајде, ајде вардаре.