Нашиот најголем ривал во регионалната лига, унгарски Веспрем нема да биде дел од регионалната ракометна лига СЕХА во сезоната 2017/2018. Ова го потврдија организаторите во официјалната порака до медиумите.
Седмата сезона повторно ќе брои десет екипи, покрај унгарците ќе ги нема и претставниците од Босна и Херцеговина. Нивното место ќе го потполнат две српски екипи, повратниците од РК Војводина, а втор претставник на Србија ќе биде Динамо од Панчево. Осумте екипи кои остануваат исти од минатата сезона се: Вардар (Македонија), Металург (Македонија), Загреб (Хрватска), Нексе (Хрватска), Целје (Словенија), Горење (Словенија), Мешков (Белорусија) и Татран (Словачка). Според планот првите мечеви се планирани за 29 и 30 август, но комплетниот распоред ќе биде соопштен подоцна.