Руската ракометна федерација реши во иднина сопственикот на двата ракометни клуба и фудбалскиот колектив Вардар, г-н Сергеј Самсоненко да биде генерален менаџер на руската машка репрезентација. Покрај ова тој добива уште една позвучна фунција, рускиот конзул во земјава и сопственик на Вардар ќе биде потпретседател на Руската ракометна федерација. Едуард Кокшаров, актуелниот спортски директор во Вардар ќе ја преземе функцијата на селектор.
Двајцата вардарци изминатата сезонава стигнаа до “злато“ во ЕХФ машката Лига на шампиони. Тие во една прилика работеа и како тандем, кога Самсоненко и Кокшаров го водеа ЖРК Вардар на натпреварот од Лигата на шампионите против Лајпциг. Претседателот на руската ракометна федерација Сергеј Шишкарев кој ја потврди оваа информација измината сезона неколку пати беше гостин во Скопје на натпреварите на Вардар во елитната лига на шампионите. Двајцата вардарци ќе се обидат да ја вратат машката руска селекција на шампионските патеки.
Нема да кријам, ние доста долго контактираме за да видиме дали има „хемија“ во нашата соработка, и дали ќе може да работиме за просперитет на Русија. Самсоненко се согласи да го прифати предизвикот и да работи со рускиот машки тим на пласман на ЛОИ во Токио, што е многу важно за нас. Среќен сум што со нас ќе работи така талентиран менаџер кој имаше успеси и во Европа- вели Шишкарев.