Ракометарите на Вардар 1961 го заверија пласманот во четврт-финалето на СЕХА – лигата, откако попладнево одново ја победија екипата на Металопластика, овој пат со резултат 26-23 (14-11).
Воведните минути од дуелот му припаднаа на гостинот кој имаше предност од 2-8. Нешто слично и како на натпреварот вчера, Металопластика одигра добро некаде до 20.минута, а потоа следуваше пад во играта. Вардар по негативата од 6-9 на средина на првиот дел, фати залет, па така со неколку гола во серија успеа да намали на само два негатива. До крајот на првиот дел, Вардар одигра уште подобро, па така на пауза замина и со предност од плус три, 14-11.
Вардар го контролираше резултатот во вториот дел. За одбележување беше 40.минута, а Вардар имаше предност од четири гола, 18-14. Добрата игра на вардарци продолжи и понатаму, па така во 47.минута имавме предност од 21-18. За разлика од првиот дел, во второто полувреме голманите имаа подобри одбрани и помалку се постигнуваа погодоци на двете страни. Во последните десет минути од натпреварот се влезе со два гола предност за Вардар, 22-20. Свој ден имаше Шеваљевиќ, кој го постигна својот петти погодок, за плус три, а Кизиќ беше фантастичен со 16 одбрани на седум минути пред крајот. Во последните пет минути од дуелот кај Вардар погоди Атанасовски на два наврати, за конечни на крајот 26-23.
Голманот Марко Кизиќ беше феноменален и заврши со 17 одбрани, Шеваљевиќ и Дибиров постигнаа по пет погодоци.