Во недела екипата на РК Вардар го игра последниот натпревар од најсилната група Б. Во С.Ц. Јане Сандански ќе ни гостува екипата на Кристијанштад. Овој меч нема резултатско значење за црвено-црните кои веќе теоретски го обезбедија првото место во групата, откако на вчершниот натпревар Пик Сегед го совлада Рајн-Некар и му ги одзеде шансите на бунеслигашот евентуално до недела да се надева на првото место во оваа група. Така сега Вардар има еден бод повеќе од Рајн-Некар и два од Киелце, но и подобар меѓусебен дуел од актуелниот европски шампион, во случај на ист број на бодови. Кристијанштад ќе го чека денешниот исход од дуелот ППД Загреб и Целје, зависно од резултатот на овој натпревар, шампионот на Шведска може да остане во игра за шесттото место кое носи пласман во осминафиналето. Што се однесува до натпреварот Вардар- Кристијанштад, своите очекувања за овој дуел и тоа за нашиот сајт ги сподели тренерот на голманите, Горан Симиќ кој е татко на Небојша Симиќ кој во недела ќе биде на спротивната страна, односно на голот на противникот.
-Иако веќе го обезбедивме првото место во групата, после поразот на Рајн-Некар, ние како и секогаш ќе одиме на победа. Доколку пак Загреб го добие натпреварот против Целје, тогаш на Кристијанштад им е потребен само еден бод за пласман во осминафиналето. Јасна е математиката во оваа група, но мислам дека ние сме големи фаворити на овој меч. Најголема опасност кон нашиот тим доаѓа токму од голманот Симиќ, чии одбрани се претвараат во најбрзите контранапади во лигата на шампионите. Нашата предност е во поголемиот број на искусни и квалитетни играчи и нивното константно учество во најголемото ракометно натпреварување. Во таа брза транзиција екипата на Кристијанштад прави голем број на технички грешки, што ние мораме да ги искористиме и да постигнуваме лесни голови.
Штербик и Симиќ имаат одлична сезона во лигата на шампионите, а посебно младиот Црнагорски репрезентативец чија форма е во голем подем, кој речиси на секој натпревар има двоцифрен број на одбранети удари.
-Што се однесува до голманите, во нашиот состав го имаме Штербик кој е класа, а Небојша млад голман кој е на прав пат да постане големо име во светскиот ракомет. Нивниот процент на одбрани оваа сезона е извонреден. Кога тие бранат добро, тогаш и нивните екипи победуваат.
Горан вели дека е среќен што ќе го види својот син, но дека на терен нема место за емоции.
-Кога се во прашање емоциите секако дека едвај чекам да го видам и гушнам мојот син, а што се однесуваа до самиот натпревар нормално дека тука нема место за емоции. Сакам да излеземе како победници на неделниот натпревар, а нема да биде фер ако не кажам дека посакувам Небојша да биде најдобар, ама на крајот Вардар да победи, изјави Горан Симиќ за нашиот сајт.
Звонко Ивановски