Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Небојша Симиќ: Се освен триумф на Вардар на овој натпревар ќе биде големо изненадување

Небојша Симиќ: Се освен триумф на Вардар на овој натпревар ќе биде големо изненадување

Во недела започнува нова сезона за Вардарци во лигата на шампионите. Истата ја отвараме на гостувањето во Шведска, против екипата на Кристијанштад. Противник кој ни е познат од минатата сезона, со кого игравме исто така во најсилните групи. Тогаш успеавме на два пати да ги добиеме, иако се работи за екипа која знае да нанесе многу проблеми на противниците. Се работи за скандинавска екипа, чија главна одлика е брз ракомет, но и борбеноста која понекогаш знае да им донесе позитивен резултат. Нашиот ракометен шампион се наоѓа во одлична форма, што покажува и самите резултати во сеха-лигата. Од друга страна шампионот на Шведска е со поизменет состав од претходната сезона, бидејќи од клубот заминаа неколку играчи кои беа носители на играта. Најголема опасност на утрешниот натпрвар ќе доаѓа од голманот на Кристијанштад. Се работи за црнагорецот Небојша Симиќ, кој е син на Горан Симиќ и голман кој е во голем подем. Тој е еден од најзаслужните за добрите игри на неговата екипа, како во првенството, така и во ЛШ за изминатата сезона. Имавме можност да поразговараме токму со Небојша, кој за нашиот сајт и фановите ги сподели очекувањата за овој дуел. Тој даде свое видување и за составот на Вардар за кој смета дека е голем фаворит на мечот кој ќе започне утре од 16:15 часот.

-Мислам дека Вардар е појак од минатата сезона и фаворит во овој дуел. Се освен триумф на Вардар на овој натпревар ќе биде големо изненадување. Иако заминаа Тоскиќ, Горбок и некои други играчи мислам дека се адекватно заменети. Вардар одлично ја отвори сезоната, добро се подготви преку сеха-лигата и речиси сите мечеви ги доби во своја корист, што значи дека се во победнички ритам. Ние сме многу ослабени во однос на минатата сезона, дури седум играчи си заминаа од клубот, а дојдоа некои нови на кои им е потребно време да се вклопат во екипата. Во првите месец дена од подготвките бевме и без тренер, кој беше на олимписките игри во Рио, така што не сме доволно воиграни и подготвени за стартот во лигата на шампиони. Сметам на нашата борбеност и домашната публика дека ќе ни помогнат да се обидеме да направиме изненадување против еден од главните фаворити за највисок пласман во најголемото ракометно натпреварување.

Симиќ и Штербик беа најдобри поединци на своите екипи на првиот натпревар одигран минатата сезона во Шведска. Тој меч му припадна на Вардар, на кој Арпад Штербик имаше 20 одбрани, додека на спротивната страна Небојша Симиќ собра 17 успешни интервенции.

-Јас и Штербик бевме во главна улога на оној прв меч од минатата сезона. Сметам дека во најголем дел од натпреварите на Вардар, Штербик е играч број еден и најзаслужен за добрите игри на екипата, веројатно така ќе биде и на следниот меч. Јас искрено сакам да се повтори тој домашен дуел од минатата сезона, кога забележав голем број на успешни интервенции. Ќе видиме како ќе се одвива мечот, бидејќи нашата одбрана сеуште не е компактна и колку ќе може да се надигрува со нападот на Вардар. 

Симиќ даде анализа групата во која се наоѓаат Вардар и Кристијанштад и за шансите на двете екипи да се пласираат што повисоко по одигрување на сите мечеви во најсилната група Б. Смета дека црвено-црните можат да го нападнат дури и првото место во групата.

-Ова е една интересна група, во која Вардар може високо да котира по одигрување на сите кола. Тука е избегната група на “смртта“, што е особено важно за екипите кои сакаат по полесен пат да стигнат до завршниот турнир во Келн. Верувам дека Вардар ги има тие амбиции и дека ќе биде во ТОП-3 екипите во најсилната група Б. Може да одлучуваат нијанси околу пласманот на првите три позиции во нашата група. Тука се сепак актуелниот шампион Киелце, како и Рајн-Некар, кој е шампион во најсилната бундес лига. Сепак сметам дека Вардар на крајот може да биде дури и правопласиран во групата.

Интересно голманот на Кристијанштад повеќе посакувал неговиот тим да се падне во групата А, која според квалитетот на противниците е посилната од другата група.

-Што се однесува до мојата екипа, мислам дека извлековме многу тешка група. Повеќе ја преферирам онаа другата група А, во која се поквалитетните екипи, бидејќи знаат некогаш да се опуштат и да загубат бодови. Кога имаш противници како Целје, Мешков и Загреб, тие секогаш сакаат да дадат се од себе и навистина ќе имаме големи проблеми. Да бевме комплетно со оној тим од минатата сезона, со сигурност можев да кажам дека ќе ја поминеме групата и ќе се пласираме во осминафиналето. Сега со новата екипа незнам колку се нашите можности и граници за пласман во оваа група, изјави Небојша Симиќ за нашиот сајт.

Звонко Ивановски