Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Рк Вардар 2, со победа ја стартуваше премиерната сезона во првата лига

Рк Вардар 2, со победа ја стартуваше премиерната сезона во првата лига

Започна дебитантската сезона во првата ракометна лига за избраниците на Стојан Петрушевски. Оваа екипа за прв пат ќе се натпреварува во оваа втора по квалитет лига во Македонија. Да напоменеме дека истиов тим, минатата сезона се натпреваруваше во младинска конкуренција, каде на крај го освои првото место. Ова е сосема нов предизвик за овие млади момчиња кои полека созреваат во врвни професионалци. Уште на стартот е забележана победа на гостински терен во Чаир, против екипата на Риниа-М. Конечниот резултат гласеше 20:26 за Вардар 2.

На почетокот на натпреварот се чуствуваше притисокот на Вардарци, поради фактот дека им е прв меч во првата ракометна лига. Но со текот на времето, како одминуваше мечот, тој притисок полека исчезнуваше. Црвено-црните играа се подобро, за на полувреме да заминат со предност од два гола разлика 8:10. Во вториот дел трпеливо ја градеа разликата во своја корист, која се повеќе се зголемуваше. Момците ги слушаа советите на тренерот и успешно ја спроведуваа играта на теренот. Квалитетот несомнено беше на наша страна, противникот немаше можност да стори нешто повеќе. Само на моменти ја намалуваше нашата разлика, што не беше доволно за да ги замрси сметките на Вардарци.

Ова е голема победа за оваа екипа, која многу ќе им значи во продолжение на лигата. Меѓу поефикасните играчи на овој дуел кај Вардар беа Мартин Димов, Стефан Трпчевски и Томи Јагуриновски. Се натпреваруваат вкупно 12 екипи, а првите две пласирани обезбедуваат место во насјилната супер лига.