Противникот на Вардар во полуфиналето на завршниот турнир од СЕХА-лигата, екипата на Брест Мешков ќе биде драстично ослабена во дуелот со црвено-црните, кој е закажан за 13-ти април во С.Ц. Јане Сандански, во рамките на првото полуфинале од СЕХА. Инаку најдобриот стрелец на оваа екипа, Петар Џорџиќ ќе го пропушти завршниот турнир во ова натпреварување, со оглед дека се здоби со скршеница на дланката на десната рака, на првиот осминафинален дуел во ЛШ, на кој Брест Мешков пред својата публика беше убедливо поразен од екипата на Нант.
Според првичните прогнози на српскиот репрезентативец му се предвидува пауза од околу шест недели надвор од терените, а со оглед дека до Ф4 во СЕХА-лигата остануваат уште нешто повеќе од две недели, сигурно е дека левиот бек на Брест Мешков ќе биде надвор од тимот кој ќе конкурира за мечот против Вардар. Инаку Џорџиќ на почетокот на сезоната пристигна од екипата на Фленсбург и веднаш се наметна во составот кој го предводи Бебешко, како лидер на тимот, со оглед дека е најдобар стрелец на Мешков во СЕХА и Лигата на Шампионите.