Најдобриот играч и голман за 2017 година и член на Европскиот шампион, Арпад Штербик нема да биде дел од репрезентацијата на Шпанија, на претстојното Европско првенство во Хрватска. Изненадувачки селекторот на фуријата, Жорди Рибера го изостави од вториот скратен список на ракометари на кои ќе смета на завршните подготовки пред стартот на ЕП, кое започнува на 12-ти јануари. Голманската тројка на Шпанија ќе ја сочинуваат Гонзало Перез де Варгас ( Барселона), Родриго Коралес (ПСЖ) и Серги Хернандез (Анаитасуна).
Единствено од Вардаровите играчи, најверојатно на мундијалот во дресот на Шпанија ќе го гледаме Жоан Кањелас, додека од списокот отпадна и Хорхе Македа. Ова оди во прилог на Вардар, кој ќе ги има Штербик и Македа свежи и одморени пред почетокот на новите натпревари во лигата на шампионите, кога не очекува гостување токму во Шпанија, против екипата на Барселона.