Македонија „потајно“ се надева дека може да замине во Египет и да биде дел од Светското првенство. Откако репрезентациите на Шведска и Чешка пријавија голем број на позитивни ракометари на Ковид-19, во прашање се доведува нивниот настап на мундијалот, а Македонија од „сенка“ чека шанса за такво нешто.
За таа цел, селекторот на Македонија, дополнително го повика капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов, кој не беше во комбинација за првиот контролен натпревар против Чиле, кој го доби нашата репрезентација. Стоилов веќе тренира со своите соиграчи од селекцијата и се подготвуваат за вториот пријателски дуел против Чиле, кој на програмата е во текот на утрешниот ден.
Повик имаше и за Гоце Георгиевски, кој го откажа поради мала повреда, додека веќе во составот на Македонија се наоѓаат Мако Мишевски и Филип Талески.