Македонската ракометна репрезентација го доби и вториот контролен натпревар против селекцијата на Босна и Херцеговина. Како подготовка за претстојното светско првенство кое од 11-23 јануари ќе се одигра во Франција, избраниците на Лино Червар беа успешни и на вториот тест. За разлика од претходниот натревар, на кој исто така славевме триумф (28:24), овој втор контролен натпревар се одигра во спортската сала во населбата Автокоманда и беше од затворен тип. На истиот Македонија победи со резултат 35:31.
Нова заслужена победа за нашите репрезентативци кои имаа контрола на резултатот и постојано водство во текот на целиот меч. По првото полувреме имавме предност од 19:17. За овие натпревари во нашиот состав се наоѓаат и двајца играчи од Вардар. Радува пред се добрата форма на Вардаровиот капитен, Стојанче Стоилов кој и на вториот натпревар е втор најдобар стрелец за Македонија. Да потсетиме дека на првиот натпревар одигран на Кале Стоилов постигна 5 гола, додека во вчерашната победа учествуваше со 6 погодоци веднаш зад капитенот Лазаров кој беше прв стрелец со 3 погодоци. Солиден настап имаше и десното крило на Вардар Јуниор, Мартин Поповски кој натпреварот го заврши со 3 погодоци. Поповски успеа да се запише во листата на стрелци и на првиот меч кога постигна еден погодок.
Денес го играме третиот и последен натпревар против истава селекција и тоа повторно од затворен карактер во салата во населбата Автокоманда.