Шампионскиот пехар од ракометната Лига на шампиони и денеска беше во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а освен со пехарот, пациентите овој пат можеа да се фотографираат и со капитенот Столе Стоилов. Најеуфорични беа најмладите, но задоволството да се биде покрај капитенот на шампионите не го криеја ниту повозрасните. Стоилов порача дека победата не е само на ракометниот клуб, туку и на „Аџибадем Систина“, бидејќи лекарите, неуморни на терен, се заедно со нив секогаш кога им се потребни.
„Ова победа не е само на РК ‘Вардар’, ова е победа и на ‘Аџибадем Систина’ , тие се со нас постојано 24/7 кога и да имаме потреба од нив. Имаме огромна доверба во лекарите, професионална и надвор од тоа, д-р Михајло Ивановски е мој драг пријател кој секогаш кога треба е тука со добри совети. Не само јас, туку сите играчи на РК ‘Вардар’ се презадоволни од ‘Аџибадем Систина’“, изјави капитенот Столе Стоилов.
Трауматологот д-р Михајло Ивановски, кој беше нивен доктор во текот на целата сезона и со нив ги делеше сите предизвици и подеми, но и падовите, повредите и исцрпеноста, вели дека ракометарите на терен зависат од своето здравје и дека редовните лекарски прегледи и физичката подготвеност се од огромна важност за сите спортисти.
„Победата е нивна, ние сме само логистика и им помагаме на ракометарите. Ракометарите се тие кои играат и тие кои победуваат. Драго ни е што соработуваме и сме на располагање секогаш кога сме им потребни, долги години сме заедно со нив, а нашата поддршка ќе продолжи и понатаму. Лекарските контроли се од огромна важност за спортистите, пред сè превенцијата. А нашиот хируршки дел доаѓа само ако мора. Превенцијата и редовните прегледи се битни, а ракометарите ги прават редовно и многу добро знаат да се грижат за своето здравје, бидејќи од тоа зависат“, рече трауматологот Михајло Ивановски.
Ни претставува чест што сме дел од тимот кој покажа професионалност на спортскиот терен и донесе радост и национална гордост. „Аџибадем Систина“ веќе шест години соработува со РК „Вардар“ и таа поддршка ќе продолжи и во иднина.