Денес Вардар игра нов натпревар во СЕХА-лигата, каде гостува во Прешов на екипата на Татран. Натпреварот се игра со почеток од 18:00 часот, со директен преност на МРТ-1.
Дека се работи за сериозен противник говори фактот, што Татран во својот тим има двајца репрезентативци на Чешка, кои на последното ЕП во Хрватска освоија шестто место. Се работи за Јакуб Хрстка и Томас Чип. Тие имаа важна улога во добриот пласман на чесите и редовно се запишуваа во листата на стрелци, на мечевите на Чешка на ЕП. Тие всушност се наоѓаат во ТОП-5 листата на најдобри стрелци за Татран во СЕХА-лигата, додека најефикасниот играч во ова натпреварување доаѓа исто така од денешниот наш противник, се работи за младиот хрватски интернационалец, Бруно Буторац кој игра на позицијата десен бек, кој слободно можеме да кажеме дека е голем потенцијал на хрватскиот ракомет, кој во наредните години би требало да влегува во изборот за еден од играчите кои треба да конкурираат за настап во оваа селекција. Тој е водечки стрелец со вкупно 79 постигнати голови. Од неодамна ново засилување за екипата е младиот Петар Абрамовиќ кој дојде од екипата на Ловќен. Татран е екипа која ја сочинуваат голем број на интернационалци, како и домашни играчи. Се наоѓаат на шесттата позиција во СЕХА, со учинок од пет победи, еден нерешен резултат и шест порази. Пред неколку дена успеаа да го освојат националниот куп, за кој ова беше нивни вкупно 22-ри трофеј во ова натпреварување.
На првиот натпревар одигран во Скопје, славеше Вардар со резултат од 32:28. И на денешниот меч сме фаворити, на кој повторно ќе бидеме без услугите на Борозан, Абутовиќ и Чупиќ. Очекуваме квалитетен натпревар и секако победа на нашиот тим. Ова е последна подготовка и проверка на формата, пред натпреварот против Барселона во ЛШ, дуел закажан за на 10-ти февруари, во “Палау Блауграна“.