После завршување на Европското ракометно првенство, екипите се враќаат на настапите во своите првенства, додека за неколку дена ќе продолжи и Лигата на Шампионите.
На 5 февруари ( среда), Европскиот Шампион го очекува натпревар од ЛШ, против екипата на Кил. За разлика од Вардар кој нема официјален натпревар пред мечот со „зебрите“ освен двата контролни натревар ( победите против Еурофарм и Металург), екипата на Кил утре ја очекува многу тешко и незгодно гостување во Бундеслигата.
Имено во рамките на 21.коло во првенството на Германија, ќе се одигра дербито помеѓу екипите на Хановер и Кил. Тоа е меч на моментално двете водечки екипи на табелата. Кил е лидер со 31 бод, но со евентуална победа на Хановер, Кил ќе го изгуби статусот на водечки во бундеслигата. Хановер не знае за пораз на последните шест меча во лигата, а дополнителна предност им дава и домашниот терен и навивачите.
Кил пред овој дуел успеа да одигра еден контролен меч и да го совлада тимот на Хамбург. Немаше многу време за одмор на играчите кои беа дел од ЕП, вкупно девет ракометари на Кил беа дел од ЕП, од кои осум играчи се задржаа речиси до крајот. Очигледно е дека следниот противник на црвено-црните многу ќе се истроши пред нивниот дуел, кој во среда ќе започне во терминот од 19:00 часот.