Шампионот на Македонија го доживеа и четвртиот пораз во низа со што уште повеќе се вклучи алармот во таборот на ,,црвено – црните”.
Иако Мартин Томовски правеше чуда помеѓу стативите, иако не започна од првата минута, сепак со уште една фанстатична партија успеја да сопре 13 топки, но сетоа тоа и оваа вечер е бадијала, бидејќи Вардар повторно загуби. И 20 одбрани да има Мартин се чини дека ќе биде недоволно за победа, бидејќи вардарци прават несфатливи технички грешки, а згора на тоа и од натпревар во натпревар промашуваат голем број на изгледни шанси за погодок.
Со досега фантастични Томовски и Дибиров, впечатокот е дека Вардар требаше да собере многу, многу повеќе од овие пет бодови колку ги има досега. Нешто во играта на Вардар мора да се менува. Одново шутерите делуваа лошо, Гаџа имаше добар шутерски ден, но направи четири до пет технички грешки што му овозможија на домаќинот лесни голови. Кудуз речиси и да немаше свој придонес, браќата Њокаси одново правеа голем број на технички грешки..
Вечерва да додадеме дека недостасуваше Тото, кој сигурно дека ќе имаше што да каже во одбраната, исто како и Куни. Валчак сеуште не е подготвен да одговори на предизвикот во два правци во голем дел од натпреварот. Можеби токму на следниот дуел како организатор на играта шанса треба да добие и Дијало, кој вечерва имаше два добри погодоци од исто толку обиди.
Треба, треба многу да се анализира каде Вардар греши.