Екипата на Вардар Јуниор очекувано славеше на натпревар од 17.коло во ракометната Супер-лига, откако во малата сала на С.Ц. Јане Сандански ја совлада екипата на ГРК Борец.
Избраниците на Петрушевски и Манасков стигнаа до заслужен триумф, со оглед дека имаа предност во текот на целиот меч. Натпреварот започна со гол на Чакалиќ, додека истиов играч погоди и за наше водство од 3:1 во 7 минута од дуелот. На голот беше Даниел Ставровски кој набргу стигна и до три одбрани, од кои една беше од ударот од седум метри. На овој меч, Вардар Јуниор настапи без Кукуловски и Крстевски, кои беа дел од мини турнејата на Вардар во СЕХА-лигата. Сепак и ви нивно отсуство немавме проблеми да запишеме бодови од овој дуел. До 20.минута од мечот велешани даваа отпор и не дозволија пред време да биде решен победникот. При наша предност од 5:2, гостинот од Велес по 12 минути игра се погрижи да има само еден гол негатива (6:5).
Во следниот наш напад врати Карапалевски за водство од 7:5. Истава позитива од два гола раззлика ја имавме и во 16.минута кога погоди Карапалевски, а токму од овој играч тргна и серијата на вардарци, која изнесуваше 6:0, од кои дури четири голови беа дело на Мартин Карапалевски, додека по еден постигнаа Никола Цветаноски и Дарко Трајковски за највисока наша предност од 16:9. Цели 12 минути екипата на ГРК Борец беше без гол, а лошата серија ја прекинаа во последната минута од првото полувреме, кога намалија на 16:10. Нашиот состав имаше последен напад, но одбрани противничкиот голман, па на одмор се замина со резултат 16:10.
Тренер на противничкиот тим беше Илија Димов, кој имаше чест да биде дел од натпревар на двајцата свои синови, кои беа на спротивната страна. Се работи за капитените на двете екипи, кај Вардар Јуниор тоа е Мартин Димов, додека кај ГРК Борец се работи за Илија Димов.
Вториот дел започна супериорно за вардарци кои започнаа со серија од 3:0, додека својот прв гол гостите го постигнаа во 35 минута за намалување на 20:11. На голот на Вардар Јуниор во вториот дел беше Јоаким Анѓеловски, кој одбрани пенал, додека Ален Ќосевски се погрижи за прво двоцифрено водство (22:12) беше резултатот на семафорот во 38 минута од натпреварот. Тренерот Петрушевски им даде шанса на сите играчи кои денес беа во составот. Со два последователни голови на Ѓорѓиев и еден на Ќосески, тимот на Вардар Јуниор имаше највисоки 25:12 во 44 минута, што беше знак за противничкиот тренер да побара минута одмор. Немаше рамноправност во овој дуел, како одминуваше мечот, предноста се повеќе растеше во корист на Вардар Јуниор, така со двата последователни голови на Ален Ќосески во 51 минута имавме водство од 31:13. Прашање беше само со кој резултат ќе заврши овој натпревар, на кој немаше рамноправност. Конечниот резултат е 37:16 во корист на Вардар Јуниор.
Ова беше четврта победа за составот на Вардар Јуниор во најсилната супер лига. Ален Ќосески беше најефикасен со 8 голови, додека Мартин Карапалевски постигна 6 голови. Дарко Трајковски постигна 5, додека Игор Ѓорѓиев беше стрелец на 4 голови.