Уште еден ден до стартот на светското ракометно првенство, кое од утре па се до 29-ти јануари ќе се игра во Франција. Десет играчи од ракометниот клуб Вардар ќе бидат дел од овој мундијал и ќе се борат за еден од медалите на претстојното светско првенство.
За Македонија ќе настапуваат Стојанче Стоилов и Мартин Поповски. До заминувањето за Франција, нашата репрезентација одигра три контролни натпревари и тоа сите со селекцијата на Босна и Херцеговина кои ги добивме во наша корист. На овој мундијал селекторот Лино Червар се реши да оди со малку подмладен состав и со нови сили. Дел од СП ќе биде и Русија, репрезентација во која има најмногу, тројца играчи од Вардар. Тимур Дибиров, Данил Шишкарев и Александер Деревен ќе бидат дел од составот кој го предводи Дмитри Торгованов. Русите одиграа пет контролни натпревари и на сите мечеви забележаа пет победи. Три од нив беа на натпреварите против Белорусија и по една победа беше остварена на мечевите против Латвија и Египет.
Хрватска го освои “Хеп Кроација куп“ и со само два контролни натпревари заминаа на СП. Совладани беа селекциите на Тунис и Црна Гора. Лука Циндриќ и Игор Карачиќ отпатуваа за Франција и ќе ги бранат боите на својата селелекција на овој мундијал. Одлични настапи во подготвителниот период имаше и репрезентацијата на Шпанија, која го освои силниот турнир во Ирун. Избраниците на Жорди Рибера со три победи, против Полска, Аргентина и Катар најавија дека се наоѓаат во добра форма пред стартот на СП. Алекс Душебаев и Жоан Кањелас се играчите на Вардар кои ќе играат за Шпанија. Единствениот од селекцијата на Бразил ќе биде Рожерио Мораес Фереира, пикерот на црвено-црните. Тој со својата селекција изминативе денови беше дел од турнир во Швајцарија, на кој го осви второто место. Бразил ги доби натпреварите против Словачка и Романија, додека за првото место загуби од домашната репрезентација на Швајцарија.
Во групната фаза единствено едни против други ќе играат Стоилов и Поповски против Душебаев и Кањелас. Ова се групите на СП во Франција.
Група А: Франција, Полска, Русија, Бразил, Јапонија, Норвешка
Група Б: Шпанија, Словенија, Македонија, Исланд, Тунис, Ангола
Група Ц: Германија, Хрватска, Белорусија, Унгарија, Чиле, Саудиска Арабија
Група Д: Катар, Данска, Шведска, Египет, Бахреин, Аргентина.
Пред се и посакуваме среќа на Македонија на овој мундијал, со можност да се стигне што подалеку на првентството. Исто така се надеваме дека некој од останатите Вардарови играчи ќе се врати во Скопје со некој освоен медал од ова СП.