Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Младински лиги > Со победа завршен есенскиот дел во првата ракометна лига, Вардар 2 ја победи Риниа и се зацврсти на второто место, со само еден бод помалку од лидерот Младост
Со победа завршен есенскиот дел во првата ракометна лига, Вардар 2 ја победи Риниа и се зацврсти на второто место, со само еден бод помалку од лидерот Младост

Со победа завршен есенскиот дел во првата ракометна лига, Вардар 2 ја победи Риниа и се зацврсти на второто место, со само еден бод помалку од лидерот Младост

Вчера на Кале се одигра последното есенско коло во првата ракометна лига. Екипата на РК Вардар 2 стигна до својата осма победа, откако беше подобра од екипата на Риниа М. Ова беше дерби на колото, со оглед дека двете екипи во пресрет на овој натпревар имаа по 22 освоени бодови.

Вардарци во првите 15 минути од натпреварот беа во постојана предност која не беше повисока од два гола. Резултатот на семафарот во три наврати гласеше 4:2,  6:4 и 7:5. Во тој период избраниците на Зоран Петковски имаа контрола на резултатот. Сепак до крајот на првото полувреме екипата на Риниа М прави резулттски пресврт, постигнува четири последователни голови и поведува со 7:9. Во следните пет минути се играше израмнето, во еден момент црвено-црните намалија на 10:11, по што следеше нова серија на гостинската екипа за на 6 минути пред крај на првиот дел да се одлепи на највисоки 10:14. Сепак до крајот на првиот дел, младиот состав на Вардар успева да ја врати препознатливата игра од стартот и на полувреме да замине со само еден гол негатива.

Второто полувреме со гол го отворија црвено-црните за израмнување на резултатот на 15:15. На почетокот на вториот дел се повреди капитенот Трајковски и Апостоловски. Неколку наши грешки им овозможуваат на Риниа да поведат најпрво со 16:18, а потоа и со 18:21. Ниту во еден момент момците на Петковски не се откажуваа решени да ги освојат бодовите на овој меч. Успеваме со серија од 1:4 да го израмниме резултатот на 22:22 и да го донесеме натпреварот од самиот почеток. Имаме дури и водство од 24:22, но противникот набрзина успева да израмни на 24:24. Чудните одлуки имаа судиската двојка Бајрам-Белимов, кои допринесоа натпреварот да биде интересен на теренот и на трибините. Последните 8 минути беа неизвесни и се играа гол за гол, но сепак на победата се радуваше Вардар. Конечниот резултат гласеше 29:28.

Најефикасен во победата беше Стефан Чакалиќ кој постигна 7 голови. Стефан Крстевски и Марио Гичев додадоа по 5.

Есенскиот дел го завршуваме на второто место на табелата со вкупно 25 освоени бодови, или еден помалку од лидерот Младост. На тој начин се зацврстивме на второто место на табелата, што претставува голем успех за оваа млада екипа.