Ракометарите на Вардар денес продолжуваат со натпреварите во Лигата на Шампионите. Европскиот владател гостува кај екипата на Веспрем.
Дали високиот пораз од Кил беше само лош ден за вардарци и дали можеме да се издигнеме на гостувањето кај Веспрем, останува да видиме вечерва од 17:30 часот кога и ќе започне овој дерби дуел во групата Б. Ова ќе биде и прв натпревар за новиот кормилар на црвено-црните, се работи за Едуард Кокшаров кој ја превзема улогата на главен тренер од Писонеро, кој пак во иднина ќе биде негов помошник на клупата на Вардар.
Во „Веспрем Арената“, Вардар знаел да губи, но и да победува. Двете екипи досега одиграле седум меѓусебни дуели во Лигата на Шампионите, а Вардар го доби најважниот од нив, оној во големото финале минатата сезона кога црвено-црните славеа во „Ланксес Арената“ и по втор пат ја освоија Европската титула. Веспрем знаел и убедливо да не победи пред своите навивачи, но и да загуби, така беше и на последниот меч одигран во оваа арена, во која Вардар на крајот излезе како победник. Токму гореспоменатите мечеви се единствените на кои Вардар успеал да излезе како победник во дуелите со унгарскиот шампион, додека Веспрем успеал четири пати да не совлада, а еден натпревар завршил со нерешен резултат.
Во Веспрем долго се чека на освојување на првата Европска круна. Овој тим од година во година вложува се повеќе, се работи за тим кој заедно со ПСЖ имаат најголем буџет во ЛШ и кои секоја сезона се меѓу најголемите претеденти за освојување на ЛШ, но засега ниту двете екипи не се радувале на овој трофеј. Оваа сезона беа донесени играчи како Расмус Лауге, Вуко Борозан и Мораес Фереира, кои заедно со тренерот Давид Дејвис треба да донесат Европска титула во витрините на клубот. Сепак, сезонава не започна добро за нашиот денешен противник, кој после четири одиграни кола, има две победи и два порази, резултати кои не се по вкус на навивачите, но и за клубот кој има високи амбиции.
Во Унгарија, Вардар оптатува без Горбок, па Кокшаров ќе има проблеми да ја состави бековската линија. Загрижува и лошата форма на Дисингер, но и на Атман, кој на стартот од сезоната не се покажува како адекватна замена за Карачиќ, додека германскиот интернационалец сезонава има постигнато само два гола, што е премалку за еден таков играч. Најголем дел од товарот повторно ќе отпаѓа на Кристопанс, кој ќе биде сам на десната бековска позиција, а ќе игра и во одбраната, додека на позицијата среден бек, важна улога треба да има Сташ Скубе. Ќе видиме, како Кокшаров ќе започне на пикерската позиција, со оглед дека ги има на располагање играчите од руската селекција, во која тој е селектор, како и младиот Сикошек Пелко, кој е желен за докажување. Новиот стратег одржа само неколку тренинзи со екипата, па немаше време за многу промени, се надеваме дека Вардар ќе прикаже многу подобра игра од минатиот меч и дека ќе се обиде да изненади.
Мечот можете да го проследите на МРТ и Арена Спорт 4.