Вардар денес го игра можеби најважниот натпревар за освојување на првото место по завршување на групната фаза во лигата на шампиони. Денешниот меч против Пик Сегед ќе биде како финале за црвено-црните кои се во борба за првото место, кое носи директен пласман во четвртфиналната рунда, а со тоа и чекор поблску до толку посакуваниот фајналфор во Келн.
Задачата нема да биде ни најмалку лесна бидејќи пред себе денес ќе имаме тежок противник кој ќе игра пред својата публика. Пик Сегед во домашното првенство последниве години е во “сенка“ на екипата на Веспрем, но оваа сезона и таму работите можат да се сменат. Вицешампионот на Унгарија секоја наредна сезона се повеќе вложува во играчкиот кадар и станува сериозна опасност за другите екипи. Со денешнив противник имавме можност да играме и минатата сезона, кога заедно исто така се најдовме во една од најсилните групи. Тогаш издвојувавме две победи, што знчи славевме пред својата публика (27:23), како и на теренот на Унгарците (29:31). На првиот меч оваа сезона одигран во Скопје, Вардар стигна до третата последователна победа во меѓусебните дуели (30:27), иако Сегед даде голем отпор во текот на сите 60 минути и се до последната минута не дозволи мирна завршница на мечот. Многу играчи дојдоа на почетокот на сезоната во овој тим, како Горбок, Габер, Шего, Бунтиќ, Состариќ и други. Најдобар стрелец на екипата по десет одиграни кола е Унгарскиот репрезентативец, Золт Балог кој има 45 постигнати голови. Моментално Пик Сегед со 13 бодови се наоѓа на третото место на табелата или само еден помалку од лидерите Вардар и Киелце кои имаат по 14 освоени бодови.
Оваа група е страшно неизвесна и се одигрување на последното коло нема да биде познат редоследот на табелата. Денес влогот е голем и за двете екипи, победа може да ги остави или однесе на првото место, додека пораз може да ги симне и на четвртата позиција. Двете екипи имат свои математики и свои предности, а кој ќе ги искористи ќе видиме по започнување на мечот од 17:30 часот. Радува фактот што во составот на Раул Гонзалес се враќа Вуко Борозан кој во последен момент го пропушти мечот против Загреб поради мала повреда, додека во Сегед не отпатува Страхиња Милиќ кој сеуште не е целосно опоравен по повредата на рамото. Останатите играчи се ставаат на располагање за денешниот дуел против Сегед. Се надеваме дека денес Вардар ќе го одигра најдобриот натпревар и со два бода ќе замине од ова гостување во Унгарија. Квалитетот е на наша страна, останува тоа да го потврдиме на терен и да славиме голема победа.