Thursday ,02 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Битола го виде Европскиот шампион, Вардар го “растури“ Пелистер за трета победа во супер лигата

Битола го виде Европскиот шампион, Вардар го “растури“ Пелистер за трета победа во супер лигата

Вардар за нецели 24 часа успеа да забележи уште една победа, овој пат во рамките на супер лигата. Немаше многу одмор за Европскиот шампион кој попладнево гостуваше во Битола, на екипата на Пелистер. Иако постоеше голем замор од пласманот на Ф4 и по големото славје, Вардар собра сили да одигра натпревар и убедливо да го порази домашниот тим, со резултат 28:43.

Натпреварот со гол го отвори Марсениќ, додека во својот втор напад реализираше и екипата на Пелистер која го израмни резултататот. Веднаш следеше серија на вардарци од 0:4, откако два пати погоди Карачиќ и по еднаш Недановски и Македа, за во 7 минута од дуелот да имаме предност од 1:5. Вториот гол домашниот тим го реализира дури во 8 минута и тоа со удар од седум метри, избраниците на Раул Гонзалез како течеше првиот дел постојано го зголемуваа резултатот во своја корист. Расположен за игра беше Карачиќ, па со неговиот гол во 12 минута стигнавме до шест голови позитива (3:9). Вардар како да не играл вчера дуел со Кил, барем така изгледаше на теренот. Бевме супериорни во однос на противникот, а Гонзалез постојано ротираше во составот. Преку Недановски стигнавме и до највисоки седум голови позитива, кога резултатот на семафорот беше (4:11). Во продолжение од натпреварот следуваат можеби најдобрите минути за Пелистер, кој успева да направи серија од 4:1 и да стигне на негатива од четири голови (8:12). Сепак Вардар е далеку поквалитетен за да му дозволи на противникот да се изнаигра и да се доближи резултатски. Враќаме на ист начин со серија од три последователни погодоци и преку Македа кој ја погодува домашната мрежа ги вративме оние седум гола предност (8:15). На нашиот гол беше Милиќ кој имаше солиден настап во првите 30 минути и фати неколку топки, додека на клупата беше младиот Ѓорѓески. Во игра го видовме и капитенот Стоилов, кој доста се потроши на вчерашниот дуел, но тоа не му претставуваше проблем да се запише во листата на стрелци и токму со неговиот погодок, Вардар за прв пат на натпреварот да има девет голови предност (12:21) во 28 минута. До крајот на првиот дел имавме контрола на резултатот, а последниот гол беше дело на Карачиќ, за резултат 14:22 на полувреме.

Нововлезениот голман, Ѓорѓески веднаш ја бележи својата прва интервенција, откако го замени Милиќ на голот на Вардар, додека првиот гол за нашиот шампион во второто полувреме е за Кристопанс кој го замени Македа на својата позиција. По само три минути игра стигна и двоцифрената предност за белите избраници на Гонзалес и тоа преку Марсениќ кој погоди за резултат 15:25. Недановски и Поповски се изнаиграа на овој дуел и со нивните голови, стигнавме до најубедливи 17:30 во 39 минута, а Ѓорѓески во “пантерски“ стил скроти зицер удар на пикерот на Пелистер. Како на тренинг ја полневме противничката мрежа. Траеше серијата на Вардар и во следните минути, во кои стигнавме до предност од 17:33. Вардар имаше контрола на резултатот и само беше прашање со која разлика ке успееме да победиме. На крајот конечниот резултат гласеше 28:43.

Ова беше трета победа за Вардар во супер лигата. Пред почетокот на мечот, Пелистер му го честиташе пласманот на Вардар на Ф4 во Келн.Веќе во среда гостуваме на екипата на Пролет 62, додека во петок сме домаќини на Металург.