Екипата на ГРК Борец успеа да го добие бараж натпреварот против РК Вардар 2 за учество во супер лигата. Така Борец од Велес и следната сезона ќе настапува во супер-лигата, додека младите Вардарци продолжуваат со настапи во првата ракометна лига.
Борец заслужено го доби овој натпревар кој се играше на неутрален терен во Прилеп. Противникот започна со водство од 3:0. додека црвено-црните првиот гол го постигнуваат во петтата минута од натпреварот. Следи нова серија за Борец за највисоки 6:1 во почетниот период од дуелот. Оваа позитива од пет голови се одржуваше речиси во најголем дел од натпреварот, додека највисока предност Борец имаше во 26 минута кога поведе со 13:6. До крајот на првото полувреме успеавме да намалиме за еден гол и на одмор да се замине со резултат 15:9.
Вториот дел започна со погодок на Вардарци за намалување на 15:10. Избраниците на Стојан Петрушевски покажаа достоен отпор на овој натпревар. Во 40 минута од натпреварот успеваме да намалиме на четири гола негатива 18:14. Сепак на пет минути пред крајот на дуелот екипата на Борец ги враќа највисоките седум гола позитива 24:17 и го решава прашањето на победникот. Конечниот резултат гласеше 26:20. Иако бевме поразени, мора да се напомене дека ова е голем успех и достигнување оваа сезона за младата екипа на Вардар која се надмина себеси и оствари добри резултати. По позитивни работи ќе ја паметиме дебитантската сезона во првата лига, каде имавме забележано 19 победи. Голем дел од составот следната сезона сепак ќе го гледаме во супер лигата, во составот на РК Вардар Јуниор предводен од Пепи Манасков.
Вардар 2: Кизиќ, Димов 2, Димовски 3, Анастасовски, Наумовски 2, Стојковски, Виларов, Дамчески, Стошиќ, Трпчевски 1, Димитровски, Кукуловски 3, Калков, Крстевски 3, Димковски 1, Ончев 5.