Денес на програмата е првиот од двата 1/8 финални натпревари во рамките на СЕХА-лигата. Во С.Ц. Јане Сандански, Вардар е домаќин на екипата на Металопластика.
Ова се последните два дуели за црвено-црните за оваа натпреварувачка сезона. Според договорот, двата натпревари ќе се одиграат во Скопје, по што ќе биде познат патникот во следната елиминациска рунда од ова натпреварување. Познато е дека црено-црните завршија на третото место во својата група, додека Металопластика на шест одиграни дуели во групата А оствари само еден триумф и пет порази, со кои го освоија последното четврто место.
Вардар е голем фаворит во овој 1/8 финален двомеч против Металопластика, не само поради домашниот терен, туку и поради поквалитетниот ростер. Шанса на овие дуели се очекува да добијат играчите кои имаа помала минутажа сезонава. Ова ќе бидат и последни два натпревари како тренер на Алушовски во Вардар, откако со клубот успеа да ја освои двојната домашна круна.
Натпреварите денес и утре ќе стартуваат во терминот од 17:30 часот.