Трета последователна победа во лигата на шампионите, за екипата на Вардар. Во текот на целиот натпревар имавме константна предност и на крајот сосема заслужено ги освоивме бодовите. Со овој триумф се наоѓаме на лидерското место на табелата, после првите три одиграни кола.
Мечот со гол го отвори Македа. Вардарци имаа одлични први 12 минути кога ја имаа најголема предност од шест гола позитива, 3:9 беше во тој дел од натпреварот. Најчесо ги завршувавме нападите преку Тоскиќ и Шишкарев, а на голот го имавме повторно одличниот Штербик кој фати неколку добри удари на противникот. Цели седум минути, домаќинот беше без погодок, што му овозможи на нашиот шампион да стекне солидна предност. Тренерот на Швеѓаните се решава да повика тајмаут и да ги смири своите избраници. Како течеше продолжението на првиот дел, така полека домаќинот се враќаше во игра. Успеваат да направат серија од 3:0 и да намалат на 6:9 во 16 минута. Најубавиот момент во првиот дел беше цепелинот на Шишкарев и Дибиров, кој донесе воодушевување во салата. По овој погодок следува лош период за нас, Кристијанштад комплетно се враќа во игра и го израмнува резултатот на 10:10 во 20 минута. Брумен со својот прв погодок ја прекинува лошата серија, за повторно да имаме водство. До крајот на првиот дел, успеваме да постигнеме повеќе голови и да заминеме на одмор со резултат 13:15.
Небојша Симиќ има одлично издание на својот гол, кој му овозможува на својот тим да одржува резултатска рамнотежа. Во првите седум минути од второто полувреме се игра гол за гол на двете страни. Штербик покажува зошто е најдобар голман во светот, неговата одбрана ни озвозможува контра-напад, кој во гол ја претвара Тоскиќ за 17:20. Истиот играч повторно не враќа во солидна предност, која ја имавме и во првите 10 минути од мечот. По подолго време, крилото Толбринг постигнува гол за да ја прекине серијата на Вардар. Со шестиот гол на Дибиров, успеваме да се одлепиме на 18:23 во 44 минута. Најголемите шест гола разлика од почетокот на натпреварот, ги враќаме со првиот гол на Циндриќ, за резултат 20:26 во 50 минута од дуелот. До крајот на натпреварот, рутинирано ја одржувавме предноста. Конечниот резултат гласеше 25:30
Штербик повторно одличен, со 18 успешни интервенции. Дибиров и Тоскиќ најефикасни со 7 голови. Македа постигна 5.