Ракометарите на Вардар со победа се враќаат од гостувањето во Битола, кај екипата на Еурофарм Пелистер 2.
Младиот состав на Александар Јовиќ даде силен отпор, но сепак на крајот бодовите заминаа за Скопје. Цело прво полувреме гледавме игра гол за гол, иако домашниот тим до средината на првото полувреме беше во предност, која не достигна повеќе од еден гол разлика, додека црвено-црните во еден наврат имаа два гола предност, за на полувреме да се замине со резултат 9:10.
Цели пет мнути му беа потребни на Вардар да го постигне првиот гол во второто полувреме, а виновникот за такво нешто беше домашниот голман, Благојче Трајковски кој денешниот дуел го заврши со двоцифрен број на одбранети удари. Избраниците на Давид Дејвис успеаа да влезат во серија од три последователни голови, повторно да имаат два гола предност, за истата да биде зголемена и на највисоки 18:14.
Вардар во последните пет минути влезе со три гола предност, па домашниот тим немаше сили да направи некое поголемо изненадување, како што тоа беше случај во есенскиот дел од сезоната. Вардар не дозволи нов кикс и победи со конечни 19:22.
Гоце Георгиевски беше наш најрасположен играч со 7 постигнати голови, Куни Моралес имаше 4, додека Тимур Дибиров додаде 3 гола. На голот, Мартин Томовски имаше 8 успешни интервенции.