Wednesday ,09 April 2025
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар го победи Загреб и изби на 5.место во групата
Вардар го победи Загреб и изби на 5.место во групата

Вардар го победи Загреб и изби на 5.место во групата

Со добри последни пет минути од натпреварот, Вардар успеа да стигне до победа против екипата на Загреб и на тој начин да избие на 5.место во групата кое носи пласман во 1/8 финалето на ЛШ.

Вардар на полувреме имаше предност од два гола, а највисоката разлика беше три гола во овој дел од натпреварот. Се играше гол за гол, се до резултат 5:6, кога црвено-црните направија серија од 4:0 и поведоа со 9:6. Првото водство го имавме во 13 минута кога Жереми Тото погоди за 5:4. Цело прво полувреме на позицијата среден бек играше Стефан Крстревски, додека најрасположени за голови во првиот дел беа Оливие Њокас и Патрик Валчак кои постигнаа по три гола, додека ги следеше Гоце Георгиевски кој имаше два погодоци, а на голот Томовски имаше само една одбрана. На една минута пред крајот, екипата на Загреб намали само на еден гол негатива, но ние погодивме преку Валчак за 11:9 по истекот на првите 30 минути. Со оглед на проблемите кои ги имаме со склопување на екипата, ова беше добар резултат за Вардар на полувреме, а за одбележување е и одбранетиот седмерец на Борко Ристовски.

По само две минути игра во вториот дел, гостите од Хрватска стигнаа до израмнување на 11:11, па натпреварот како да започна од почеток. Вардар повторно успеа да стигне до водство од 13:11, а на голот Ристовски стигна до својата трета одбрана, додека на теренот го видовме и новото засилување, Стефан Додиќ. Откако не успеавме да искористиме два напади, Загреб прави пресврт и поведува со 14:15, но Талески враќа за израмнување на 15:15 после 45 минути игра. Вардар имаше негатива од 16:17, но успеваме со головите на Чувара, Њокас и Ѓукиќ да поведеме со 19:17 на четири минути пред крајот, што беше знак за Обрван да побара минута одмор. Вардар засили во одбраната, а Талески со удар од десеттина метри носи предност од 20:17. На крајот голема победа изразена со резултат 20:19.

Ова беше само четврта победа сезонава во ЛШ, но втора во серија и многу важна во борбата за пласман во следната елиминациска рунда. Со оглед дека Елверум загуби во ова коло, Вардар изби на 5.место во групата. Најефикасни во нашите редови беа Оливие Њокас и Филип Талески со по 4 голови.