Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > ВАРДАР ГО “РАЗБИ“ Брест Мешков, ШАМПИОНОТ МНОГУ МОЌНО ОБЕЗБЕДИ ГОЛЕМО ФИНАЛЕ ВО СЕХА
ВАРДАР ГО “РАЗБИ“ Брест Мешков, ШАМПИОНОТ МНОГУ МОЌНО ОБЕЗБЕДИ ГОЛЕМО ФИНАЛЕ ВО СЕХА

ВАРДАР ГО “РАЗБИ“ Брест Мешков, ШАМПИОНОТ МНОГУ МОЌНО ОБЕЗБЕДИ ГОЛЕМО ФИНАЛЕ ВО СЕХА

Вардар е првиот финалист на СЕХА-лигата, откако во рамките на првото полуфинале успеа да ја победи екипата на Брест Мешков и на тој начин да обезбеди финале, кое на програмата е во недела. Очекувавме можеби посилен отпор од Брест Мешков, но немаше ништо од тоа, освен на моменти кога успеаа да намалат на два гола негатива. Вардар слави убедливо со резултат од 33:24

По првите пет минути од натпреварот се играше гол за гол и двете екипи ги испитуваа силите и влегоа претпазливо во мечот. Вардар го отвори резултатот преку Вуко Борозан, но во првите пет минути резултатот беше израмнет на 3:3. Црвено-црните први успеаа да се одлепат од противникот, период во кој гостинот од Белорусија цели седум минути не успеа да го пронајде патот до нашата мрежа, за разлика од вардарци кои постигнаа пет последователни голови и во 11 минута со погодокот на Даинис Кристопанс поведоа со 8:3. Штербик веќе стигна до својата трета одбрана, а Вардар погодуваше преку Циндриќ, Дибиров и Шишкарев. Лошиот период во кој влегоа белоруите го прекина десното крило Максим Баранау кој го намали резултатот на 8:4. Следуваа минути кога двете екипи направија мини серија и постигнаа по два гола, но избраниците на Гонзалез делуваа супериорно на теренот и со два нови голови, во 19 минута имаа највисоки шест голови позитива (12:6). Брест Мешков не случајно покажа дека заслужено стигнал на овој завршен турнир, па не му дозволи на Вардар уште во првите 30 минути да го реши победникот. Успеаа да се вратат во мечот и да направат серија од 0:4 со која стигнаа на само два гола негатива, откако со нов погодок на Баранау, резултатот во 22 минути гласеше само 12:10. Тоа беше знак за Раул да повика тајмаут и да ги смири своите момци. Следуваше брз одговор од нашиот шампион, кој врати на идентичен начин, со серија од четири последователни погодоци, за повторно да имаат најголеми шест голови предност (16:10). Штербик повторно блеска на голот, а Чупиќ успева да го постигне својот прв гол од седум метри, додека Шишкарев да го погоди празниот гол на Мешков. Имавме можност со оваа позитива да ззаминеме на одмор, доколку ударот на Македа на завршеше во стативата од противничкиот гол, а Шишкарев од својата позиција го совладаше Пешиќ. Тоа успеа да го казни противникот и со серија од 0:3 да намали на 16:13. Последниот гол во првиот дел беше дело на Циндриќ, иако и Дибиров со звукот на сирената имаше можност да постигне гол, но ударот заврши во стативата. По истекот на првите 30 минути, црвено-црните имаа водство од 17:13.

Вториот дел започна со гол на Иван Чупиќ, кој зголеми на 18:13, а Штербик набрзина стигна до две нови интервенции зад своето име. Ерупција на трибините во Јане Сандански, пресечена топка на Дибиров кои со Кањелас си поиграа со противникот, руското крило ја погоди пречката, но топката стига до Чупиќ кој со својот трет гол ги враќа оние најголеми шест голови разлика (20:14) во 35 минута, што беше знак за Сергеј Бебешко да повика минута одмор. Ниту тоа не помогна за неговиот тим, со оглед дека растеше позитивата во корист на вардарци, нова одбана на Штербик, а Вуко Борозан со нов гол носи веќе убедливи 22:14 во 38 минута од дуелот. Во следните шест минути гостинот од Белорусија успева да го смали резултатот на 24:18, но сеуште вардар имаше контрола на резултатот и беше многу поблиску до големото финале. Веќе работите станаа многу појасни, ако имаше и дилема во текот на мечот, кога со два гола во серија на Карачиќ зголемивме на високи 29:20, а двоцифрена предност од 30:20 донесе Марсениќ во 22 минута од мечот. На крајот рутински го приведовме овој дуел, на кој славиме со конечен резултат од 33:24.

Лука Циндриќ беше најефикасен со 6 голови, додека Борозан постигна 5, додека Штербик имаше неверојатни 20 одбрани. Вечерва ќе го дознаеме противникот во финалето, откако својот меч ќе го одиграат ППД Загреб и Целје ПЛ.