Време е за одмазда, време е за прва победа на Вардар во дуелите со екипата на Брест Мешков во оваа натпреварувачка сезона. Ова ќе биде трет меѓусебен дуел на овие две екипи, а првите два ги доби шампионот на Белорусија.
Прв пат оваа сезона се сретнавме на турнирот во Стразбур каде противникот славеше убедлив трумф со резултат 22:32, како и пред неколку дена кога Брест Мешков пред својата публика го совлада младиот и комбиниран состав на Вардар, на меч од СЕХА-лигата. Сепак тие дуели се зад нас, а вистинската битка на овие две екипи не очекува денес и за три недели кога црвено-црните ќе го играат возвратниот натпревар на гостински терен. Противничкиот тренер за денешниот дуел нема да може да смета на услугите на крилото Рутенка како и на пикерот, Потеко, додека Вардар ќе биде без својот втор најдобар стрелец во ЛШ, се работи за Вуко Борозан кој мора да одработи еден меч суспензија поради црвениот картон добиен на дуелот со Киелце. Неговата позиција денес ќе ја потполни најновото засилување, се работи за репрезентативецот на Германија, Кристијан Дисингер кој треба да ги покаже своите квалитети, иако мора да се напомене дека има одржано само неколку тренинзи со новите соиграчи.
Брест Мешков имаше одличен старт на сезоната во ЛП, кога после две одиграни кола забележа исто толку победи ( совладани беа Кристијанштад и Монпелје), но во следните три меча не успеаа да освојат бодови ( беа поразени во дуелите со Рајн-Некар, Веспрем и Барселона). Најголема опасност за нашиот состав ќе биде противничкиот голман, Иван Пешиќ кој знае да има свои моменти на голот, кога бележи и двоцифрен број на одбрани, но и Вардар го има Дејан Милосављев кој се наоѓа на второто место според бројот на одбранети удари. Во нападот, тука се бековите Ивиќ, Ѓорѓиќ, Шкуринскиј и Хорак, како и крилата, Разгор и Џукиќ. Оваа сезона имаат и нов тренер, се работи за шпански стручњак кој добро го познава менталитетот на останатите шпански тренери, а токму еден од нив седи на клупата на Вардар, се работи за Гарсија Парондо. Претходно Каденас беше и на клупата на Висла Плок, екипа против која исто така имаме одиграно мечеви, па Каденас многу добро го знае составот и квалитети на Вардар.
Ова ќе биде само трет меѓусебен дуел на Вардар и Брест Мешков во историјата на Лигата на Шампионите. Прв пат игравме во иста група во сезоната 2016/17 кога по една победа им припадна на двете екипи. Црвено-црните го добија мечот на домашен терен (31:27), додека Мешков славеше пред своите навивачи (30:26).
Мечот започнува во 17:30 часот, а според информациите салата во најголем дел треба да биде исполнета. Потребна е поддршка за момците кои ќе се борат да стигнат до петтата победа, со шанси после ова коло да се вратат на првото место на табелата.