Екипата на РК Вардар вечерва гостува во Франција, кај екипата на Монпелје, на натпревар од 11.коло во Лигата на Шампионите.
Вардарци имаат тешка мисија да ја прекинат серијата на порази која трае седум натпревари, за тоа да се случи ќе треба вечерва да направат изненадување и на гостински терен да го победат лидерот во групата, тимот на Монпелје.
Монпелје игра одлично сезонава во Лигата на Шампионите и се наоѓа на првото место во групата. После десет одиграни натпревари имаат скор од 7 победи, 2 нерешени резултати и само 1 единствен пораз. Противникот го доби и првиот натпревар со Вардар одигран во СЦ.Јане Сандански (25:31), па всушност од тој дуел започна и лошата серија на црвено-црните во ЛШ.
Отежнета околност за Вардар во пресрет на вечерашниот натпревар е тоа што во составот нема да бидат Гаџа и Ристовски, па останува да видиме каква тактика ќе постави Давид Дејвис, за кој ова е прв натпревар во ЛШ со Вардар сезонава.
Монпелје се наоѓа во серија од четири последователни победи и во домашното првенство, а последен кој загуби од нив беше екипата на Данкерк. Несомнено е дека Монпелје е фаворит на денешниот натпревар, но на Вардар неопходно му се потребни нови бодови во борбата за 6.место кое води во осминафиналето. Сепак тоа нема да биде лесно, а работите уште повеќе ќе се искомплицираат ако Вардар денес загуби, а Загреб утре го изненади Пик Сегед на домашен терен, во тој случај шампионот на Хрватска ќе има три бода повеќе во пресрет на последните три кола во групата.
Вечерашниот натпревар ќе стартува од 18:45 часот со директен пренос на Арена Спорт 1.