Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Дерби во СЕХА-лигата, Вардар гостува кај ППД Загреб
Дерби во СЕХА-лигата, Вардар гостува кај ППД Загреб

Дерби во СЕХА-лигата, Вардар гостува кај ППД Загреб

Напорното темпо на одигрување натпревари продолжува денес за ракометарите на Вардар. Ибзраниците на Гарсија Парондо гостуваат во Хрватска, на екипата на ППД Загреб, во рамките на 6. коло од СЕХА-лигата.

Ова ќе биде дуел на првите две пласирани екипи на табелата. Вардар е лидер со максимални 15 освоени бодови, додека Загреб се наоѓа на втората позиција со 12 бодови. И двете екипи ќе се обидат да триумфираат после поразите кои ги забележаа во Лигата на Шампионите. Вардар загуби прв пат сезонава од екипата на Киелце, додека Загреб воопшто не се прослави, имаше лош меч и загуби убедливо од тимот на Мотор Запорожје. Што се однесува до СЕХА-лигата, на стартот од сезоната, избраниците на Лино Червар доживеаа непријатен и неочекуван пораз од екипата на Нексе, после што следеше серија од четири последователни победи.

Интересно на последните осум меѓусебни дуели на овие две екипи, Вардар има дури седум победи, додека само еднаш Загреб успеал да слави и тоа пред својата публика. Последниот меѓусебен натпревар го одигравме во големото финале на СЕХА-лигата, кога црвено-црните како домаќини на Ф4 турнирот во финалето го совладаа Загреб (26:24) и го освоија четвртиот трофеј во ова натпреварување. И на последното гостување, Вардар има забележано триумф и тоа минатата сезона, кога триумфиравме минимално со резултат 24:25. Најдобар стрелец кај противникот е капитенот Златко Хорват кој има постигнато 22 голови.

Секогаш натпреварите на овие две екипи носеле возбудувања и неизвесност до последните минути, посебно кога Загреб е домаќин. На денешниот меч се очекува поголема минутажа да добијат играчите кои не настапија против Киелце. На голот се очекува да биде Гедбан, додека поголема минутажа треба да добијат Кисељев, Војводиќ, како и Вуко Борозан кој рано го заврши дуелот против Киелце, поради добиен црвен картон. Директен пренос од попладневниот натпревар можете да проследите на МРТ, како и на Арена Спорт 2.