Вечерва со почеток од 19 часот во спортскиот центар Јане Сандански ќе се одигра дербито во супер лигата, помеѓу ракометните екипи на Вардар и Металург. Инаку ова е првиот од двата меча, кои ќе го дадат новиот шампион на Македонија. Иако црвено-црните се големи фаворити, сепак тимот од Автокоманда по квалитет отскокнува од другите екипи во домашното првенство, па би требало да ни бидат најголем конкурент за одбрана на титулата. По завршување на настапите во лигата на шампиони, Вардарци целосно се фокусираат на настапите во домашната лига и куп, каде ги бранат титулите освоени минатата натпреварувачка сезона. Сите знаеме какви неизвесности донесувале натпреварите со Металург, во изминатите години, кој е и наш единствен конкурент долго време. Сериозно треба да се сфатат овие два натпревари со екипата од Автокоманда и максимално мотивирано и со сериозен пристап да се почне вечерашниот меч.
Како и секогаш на Вардар, ќе му биде потребна поддршка од публиката, кои се надеваме дека ќе дојдат во поголем број дa го бодрат својот миленик. Картите за овој натпревар ќе бидат по цена од само 100 денари и истите ќе се продаваат пред билетарницата на спортскиот центар Ј. Сандански.