Младиот состав на Вардар Јуниор одигра со нерешен резултат (25:25) на гостувањето кај екипата на Прилеп, во рамките на плејаутот од супер лигата.
Во првите пет минути од натпреварот се играше гол за гол, се до резултат 4:4, кога со два последователни голови домашниот тим за прв пат имаше предност од два гола разлика (6:4). Црвено-црните даваа силен отпор и намалија на 7:6, но следеше серија за противникот од 3:0, кој поведе со највисоки 10:6 на овој дуел. Избраниците на Стојан Петрушевски вратија на ист начин и со три последователни голови повторно се доближија на само еден гол негатива (10:9). Сепак прилепчани до крајот на првиот дел успеаа да заминат на одмор со предност од три голови, откако сврзаа два погодоци, па така по истекот на првите 30 минути резултатот беше 14:11.
На стартот на вториот дел, Вардар Јуниор постигна гол и го намали резултатот на 14:12, но само за кратко бидејќи домаќинот повторно ги врати оние најголеми четири голови предност од првиот дел (16:12). Истава позитива ја имаа и во 40 минути, кога резултатот на семафорот гласеше 18:14. Сепак како одминуваше натпреварот, црвено-црните постепено но сигурно ја топеа негативата. Имаа Прилеп и водство од 22:20, но Вардар Јуниор направи серија од 0:3 и направи резултатски пресврт, за предност од 22:23. Во финишот се влезе гол за гол, во кој домаќинот имаше предност од еден гол, но црвено-црните го искористија последниот напад и го израмнија резултатот на 25:25, што на крај се покажа и како конечен на овој дуел.
Со овој бод, Вардарци направија голем исчекор кон обезбедување на опстанок во најсилната домашна лига.
РК Вардар Јуниор: Кизиќ, Димов 5, Анѓелковски, Крстевски 1, Анастасовски 1, Мишевски 2, Трајковски, Димитров, Петковски, Карапалевски, Трпчевски 6, Димитровски 5, Гашоски, Кукуловски 5, Атанасовски, Цветаноски.