Младиот состав на Вардар Јуниор со пораз ја стартуваше новата сезона во машката супер лига, откако беше поразен на гостувањето кај екипата на Радовиш.
Со оглед дека настапивме без неколку ракометари, можеби и се очекуваше победа на домашниот тим на овој дуел, кој имаше постојано водство и контрола на резултатот во текот на целиот меч, освен во еден период од натпреварот, кога црвено-црните се доближија на само два гола негатива. Започна фуриозно тимот на Радовиш, кога по само шест минути игра имаше предност од 5:1, а истава позитива ја имаа и во 10.минута од дуелот, кога резултатот на семафорот беше 8:4. Вардар Јуниор го имаше расположениот Стефан Крстевски кој дуелот го заврши со двоцифрен број на постигнати голови, кои не беа доволни за да се направи изненадување. Предноста на Радовиш се движеше од 5-6 голови, додека највисоката достигна и до седум разлика, кога резултатот на семафорот гласеше 17:10. На полувреме се замина со резултат 18:12.
Намаливме на стартот на вториот дел на 18:13, но домаќинот повторно се одлепи на највисоки 22:15. Кога гледачите во салата мислеа дека Радовиш лесно го има мечот во свои раце, не мислеа така и избраниците на Стојан Петрушевски кои при резултат 26:19 за противникот направија серија од 0:5 и намалија на само 26:24. Тука помисливме дека можеме да направиме нешто повеќе, но сепак повозрасниот и поискусен тим на Радовиш постигна два гола во серија и се одлепи на 28:24. Не можевме да стигнеме, беше јасно дека Радовиш ќе триумфира, со конечни 32:28.
Вардар Јуниор: Гогов, Јанковски 1, Чакалиќ 1, Гашовски 2, Јакимовски 2, Димовски, Чакалиќ, Андоноски 1, Анѓелковски, Анѓеловски, В.Крстевски, С.Крстевски 13, Трајковски, Атанасовски 3, Дука 5, Стојановски.