Saturday ,04 May 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Втор тим > РК Вардар Јуниор со пораз го заврши регуларниот дел од сезоната во супер лигата
РК Вардар Јуниор со пораз го заврши регуларниот дел од сезоната во супер лигата

РК Вардар Јуниор со пораз го заврши регуларниот дел од сезоната во супер лигата

Екипата на РК Вардар Јуниор со пораз го заврши регуларниот дел од сезоната во супер лигата. Вечерва избраниците на Стојан Петрушевски беа поразени на гостувањето во Битола од екипата на Пелистер.

Натпреварот со гол го отвори нашиот состав, за да следи серија на домашниот тим за водство од 3:1. Во наредните пет минути се играше гол за гол, по што Пелистер постигнува четири последователни голови за противникот да има предност од шест голови (9:3). Како одминуваше првото полувреме, водството во корист на Пелистер се повеќе растеше, за на полувреме да имаат убедливи 21:12.

Вториот дел започна со два наши погодоци за намалување на резултаот на 21:14, но Пелистер во следните пет минути стигнува до двоцифрена предност од 25:15. Оваа висока разлика им овозможуваше на домашниот тим мирно да игра и да го контролира резултатот. Најмногу што успеа да стори Вардар е да намали на осум гола негатива (28:20). Последните десет минути не донесоа ништо поинтересно, па Пелистер слави победа со резултат 37:26.

Во редовите на Вардар се истакнаа пикерот Кристијан Анастасовски со 7 и бекот Мартин Манасков со 6 погодоци. Во победничкиот тим најефикасен беше позајмениот играч од Вардар Јуниор, црнагорецот Ристо Вујачиќ кој постигна 7 голови. Со овој меч го завршивме регуларниот дел од сезоната. Во продолжение од сезоната ќе разигруваме во плеј аутот.