Младите ракометари на Вардар Јуниор одлично ја стартуваа новата сезона во сениорската конкуренција. Момците на Стојан Петрушевски на изненадување на многумина тргнаа добро во лигата. Црвено-црните во дуелот од 4.коло вчера беа гости кај тимот на РК Охрид 2013 во истоимениот град. На мечот кој се одигра во СЦ “Билјанини Извори“ победи повозрасниот тим на домаќинот Охрид.
Лошо влегоме во дуелот, по почетните 1-1 дозволивме на противникот да се одлепи на плус четири, 5-1. По овој пад во играта се вративме и постојано игравме гол за гол во првиот дел. Младиот тим парираше на повозрасниот тим на Охрид, од тој момент до полувремето постигна исти број на голови, па на одмор замина со четири гола негатива. На семафорот во салата “Билјанини Извори“ стоеше 16-12 за домаќинот.
Вториот дел започна со по еден гол на двете страни, за почетни 17-13 на семафорот. Од тогаш па се до крајот домаќинот полека успеваше постепено да ја зголемува предноста над нашиот млад црвено-црн сениорски тим. Бевме поразени со девет гола негатива, Охрид до трите бода дојде со резултат 30-21. По четири кола со овој пораз остануваме со два триумфи и исто толку порази.
Кај нас на овој натпревар, Карапалевски Мартин даде 7 гола, додека тројца играчи постигнаа по 3 гола, станува збор за: Стефан Крстевски, Атанасовски Стефан и Димов Мартин.