Екипата на Вардар Јуниор стигна до многу важна победа во борбата за опстанок во најсилната Супер лига. Денес во С.Ц. Јане Сандански, избраниците на Стојан Петрушевски убедливо ја совладаа екипата на Радовиш, со резултат 36:27.
Вардар Јуниор подобро го започна мечот кога поведе со 0:2 со погодиците на Стефан Атанасовски и Мартин Димов од контра-напад, а во својот прв напад на Радовиш одбрани нашиот голман, Андреј Петковски. Сепак гостинската екипа направи серија од 0:3 и поведе со 2:3 и тоа беше единствено водство кое го имаа во текот на целиот натпревар. Избраниците на Петрушевски вратија на ист начин со три последователни голови ја вратија предноста од 5:3, откако повторно од контра напад погоди десното крило Мартин Димов. За момент само Раадовиш ја прекина серијата и намали на 5:4, но црвено-црните беа решени да слават на денешниот дуел, следеше наша нова серија од 4:0 со која поведоа со 9:4. Во овој период од мечот погодуваа Ѓорѓиев, како и средниот бек Стефан Крстевски кој постигна дури три гола. Ова беше знак за противничкиот тренер да побара тајмаут. Истава позитива од пет голови ја имавме и кога резултатот беше 12:7 и 14:9. Одлично игравме во одбраната, цврсто и агресивно, додека во нападот бевме многу сконцентрирани и баравме чиста позиција за погодок. На полувреме вардарци се стекнаа и со највисока предност од шест голови разлика, по истекот на првите 30 минути резултатот беше 18:12 во корист на Вардар Јуниор.
Вардар Јуниор во вториот дел не успеа да ги искористи првите два напади, додека Радовиш постигна еден гол и го намали резултатот, додека Игор Ѓорѓиев беше играчот кој го постигна вториот гол за нас во овој дел од мечот, за да ни донесе и највисоки седум голови предност (20:13). Навистина играме перфектно, тренерскиот тандем на клупата на Вардар Јуниор, Петрушевски и Манасков одлично го анализирале Радовиш и знаеа од каде доаѓа најголемата опасност. Во еден момент, противникот намали на 22:17, но ние преку Крстевски и Кукуловски повторно имавме солидна предност од 24:17. Последната ако може да се каже резултатска неизвесност беше при резултат 27:23, но Јуниор врати со серија од два погодоци и се одлепи на шест гола позитива. Немаше веќе сили Радовиш за пресврт, до крајот Вардар Јуниор не само што ја задржа, туку и ја зголеми предноста, па конечниот резултат на овој дуел гласеше 36:27
Вардар Јуниор имаше неколку расположени стрелци, како Стефан Крстевски кој постигна 9 голови, како и Дејан Кулуковски и Мартин Димов кои постигнаа по 7 голови. Игор Ѓорѓиев постигна 5, додека Стефан Атанасовски 4 погодоци. Ова беше втора последователна победа за Вардарци, во плеј-аутот од Супер лигата.