Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар лесно го мина Металург за ново Финале во Купот
Вардар лесно го мина Металург за ново Финале во Купот

Вардар лесно го мина Металург за ново Финале во Купот

Вардар ќе се бори за својот 14.трофеј во Купот, откако попладнево го доби полуфиналниот натпревар против екипата на Металург. Иако на моменти, Металург се закани дека може да биде достоен противник, сепак Вардар лесно го мина тимот од Автокоманда.

Тимот на Металург имаше подобар старт на натпреварот кога отвори со два гола, а Хорват имаше можност да донесе и водство од 3:1, но Борко Ристовски најпрво му одбрани седмерец, а потоа и на одбиената топка нашиот чувар на мрежата беше поуспешен со двојна интервенција. Затоа вардарци од негатива од два гола влегоа во голема серија од 0:6 и до 10.минута од натпреварот стигнаа до водство од 2:6. Погодуваа по два пати Јотиќ и Чупиќ, како и Дисингер за Вардар целосно да го сврти резултатот во своја корист. Во овој период нашата одбрана делуваше супериорно, едноставно домашниот тим не можеше да создаде добра позиција за изграден удар. Противничкиот тренер Марковски побара и минута одмор со оглед дека неговиот тим беше во негатива од четири голови во првите десет минути од дуелот. Момците на Алушовски имаа предност и од 4:8, но му дозволија на противникот да направи серија од 6:1 и во 24 минута со голот на Поповиќ да поведе со 10:9. Голманот на Металург, Дупјанчанец со неколку добри одбрани беше креатор на овој пресврт и за предноста на својот тим која не траеше долго. Вардар најпрво го израмни резултатот, за потоа преку Чупиќ кој пресече топка да поведе со еден гол, додека Дисингер погоди на празен гол за водство од 11:13. Во последните две минути по еден гол постигнаа и двете екипи за резултат 12:14 на полувреме.

Каков старт на вториот дел за Вардар, за само пет минути постигнавме пет голови во серија и поведовме со 12:19, од кои последните два гола на Дибиро, Јотиќ и Георгиевски беа од контра напади. Во овој момент Вардар имаше најголеми седум гола позитива на натпреварот кој се игра во спортската сала во населбата Автокоманда. Голманите на двете екипи беа солидни, Дупјанчанец имаше 10, додека Ристовски 8 одбрани, а Вардар одржуваше предност од 6 голови на 15 минути пред крајот на овој прв полуфинален дуел во Купот. Домаќинот во еден момент намали на четири гола, но Вардар повторно се одлепи на високи седум голови, па беше само прашање со каков резултат ќе заврши натпреварот. Истиот финишираше со резултат  22:27.

 Чупиќ беше најдобар стрелец, додека Ристовски имаше 13 одбрани.