Вардар ќе има можност утре да го освои својот 14.куп трофеј, откако вечерва во полуфиналето кое се играше во спортската сала во Куманово ја совлада екипата на Еурофарм Работник.
Во најголем дел од првото полувреме се играше гол за гол, иако Вардар имаше моменти кога можеше да поведе и со три голови разлика. Првите два гола за Вардар беа дело на Кристопанс за 2:1, но противникот од Битола врати со два погодоци и поведе со 2:3, ова беше единственото водство на Еурофарм во првото полувреме. Во многу наврати резултатот беше израмнет, а Вардар беше тимот кој беше во позитива, но не поголема од еден гол. Резултатот беше израмнет во 8 минута, како и во 13 минута, кога резултатот на семафорот беше 8:8. Црвено-црните имаа можност за прв пат да поведат со два гола разлика, но Фереира не успева да погоди од зицер позиција, односно голманот Трајковски му го одбрни ударот.
Конечно успеваме да го скршме „мразот“ и откако Милосављев одбрани, овој пат бразилецот Фереира не греши и за прв пат Вардар има предност од 11:9. Дибиров погоди и за 12:10, но противникот набрзина врати со два гола и во 20 минута од мечот израмни на 12:12. Во игра за прв пат го видовме и капитенот Стоилов, кој при прв допир со допакта успева да постигне гол. Нашиот голман Дејан Милосављев влезе во серија на одбрани, што беше знак за неговите соиграчи да го зголемат водството. Кристопанс беше играчот кој на пет минути пред истекот на првото полувреме погоди за 16:14, додека Дибиров не успеа да реализира седмерец за плус три разлика. Тоа Еурофарм го казни, но благодарени на одбранет зицер на Милосављев, Вардар поведе со 17:15. До истекот на првите 30 минути видовме по еден гол во двете мрежи, за на полувреме , нашиот шампион да има предност од 18:16.
Пропуштаме шанса за плус три на стартот од вториот дел, најпрво одбрани Милосављев во првиот напад на Еурофарм, додека Фереира не успеа да постигне гол. Наместо да се одлепиме од противникот, дозволуваме тие да постигнат два гола и по 3 минути игра да израмнат на 18:18. Избраниците на Парондо за прв пат одат на три гола позитива, откако Скубе, Дибиров и Фереира постигнаа голови, додека Милосављев спречи напад на битолчани, за резултат 23:20 во 38 минута од дуелот. Црвено-црните пропуштија два напади и за најголема разлика од четири гола, затоа Еурофарм намали, но врати Скубе за предност од 25:22 во 44 минута, по што Алушовски побара минута одмор. Правиме осетна предност, со два последователни голови на Карачиќ за прв пат на овој полуфинален натпревар имаме четири гола позитива (27:23). Засилија вардарци и во одбраната, додека во нападот бевме ефикасни, со нов гол на Скубе успеавме да поведеме и со пет гола позитива (30:25) на десет минути пред крајот. Работите околу победникот станаа појасни кога Стоилов погоди за највисоки 32:26, а имаше се помалку време за неизвесност. На голот шанса доби и Кизиќ, кој имаше двојна одбрана, при упатен седмерец кон нашиот гол. На крајот триумф за Вардар со резултат 35:30.
Фереира и Скубе беа најефикасни кај Вардар со по 7 голови, додека Дибиров постигна 6. Противник на Вардар во финалето ќе биде екипата на Металург, меч кој ќе се одигра утре со почеток од 20:00 часот. Претходно во женското финале се среќаваат екипите на Вардар и Куманово.