Вардар ќе игра во големото финале од лигата на шампионите. Црвено-црните во второто полуфинале ја совладаа екипата на Барселона, во еден неизвесен и квалитетен натпревар и обезбедија историско финале.
Во првите десет минути се играше голз а гол на двете страни. Екипата на Барселона прва го отвори резултатот, но во нашиот втор напад, врати Вуко Борозан за израмнување на 1:1. Следеше период кога двете екипи постигнаа по три голови, а два во тие моменти беа дело на Борозан. Душебаев со својот прв гол повторно го израмни резултатот на 4:4. по што пртивничкиот тим постигна два гола во серија и за прв пат на мечот имаше водство од два гола (4:6) во 11 минута од натпреварот. Во тие моменти, шампионот на Шпанија на голот го имаше расположениот Перез Де Варгас, кој стигна до својата 4 одбрана, додека Штербик имаше 2. Барселона беше подобар до средината на првото полувреме, кога стигна и до највисоки три гола (5:8), но Вардарци брзо вратија со два гола и намалија на 7:8. Започна да функционира нашата одбрана, а противникот имаше проблем во своите напади, да упати удари кон нашиот гол. Се разбрани и Штербик, кој го донесе резултатскиот пресврт. Во 23 минута, со погодокот на Алекс Душебаев, Вардар го израмнува повторно резултатот на 10:10, додека на две минути пред крајот, црвено-црните за прв пат на мечот имаа водство од 12:11 со голот на Игор Карачиќ. Врати на спротивната страна, Кирил Лазаров за 12:12, додека со голот на Иван Чупиќ, со удар од седум метри повторно поведовме со 13:12. Останаа уште 30 секунди до крајот на првиот дел, во кои Барселона не успеа да погоди. Со овој резултат се замина на полувреме. Најефикасен во првиот дел беше Борозан со 5 голови, додека Штербик на голот имаше 8 одбрани, или 35% на одбранети удари кон неговиот гол.
Вториот дел започна со одбрана на Штербик, кој влегува во својот препознатлив ритам. Варгас не дозволува Вардар да оди на два гола позитива и во првите пет минути се играше гол за гол. Ниту Ристовски не го запира Чупиќ, кој со нов гол од ударите од седум метри, го носи својот тим во водство од 16:15. Штербик стигнува до својата 11 одбрана и им дава крилја на своите соиграчи, да поведат за прв пат со два гола разлика (19:17) во 45 минута од мечот. Имавме и предност од 20:18, но Лазаров на два пати враќа со гол и го намалува резултатот за само еден погодок. Следевме возбудлив натпревар, кој влезе во неизвесна завршница. На седум минути пред крајот ниту една од екипите немаа предност. Штербик и Варгас имаа по 13 одбрани, а Чупиќ уште еднаш го совлада Ристовски од пенал. Златен гол постигнува Циндриќ, за водство од 25:24, но повторно Киле враќа за израмнување на 25:25. Останаа уште 17 секунди за наш напад, а одговорноста ја презема Циндриќ кој постигнува гол во псоледните секунди. Конечниот резултат е 26:25, Вардар е во големото финале на ЛШ.
Душебаев и Чупиќ постигнаа по 7 голови, додека Штербик имаше 13 одбрани. Утре за европската титула, ќе се бориме со екипата на ПСЖ.