Ново ракометно уживање не очекува попладнево во спортскиот центар Јане Сандански. Вардар е пред нов предизвик да го совлада бундеслигашот, тимот на Рајн-Некар и да остане единствениот со максимален број на бодови во најсилната група А.
Многу важен дуел за црвено-црните кои со победа можат да си го отворат патот кон освојување на првото место во групата, кое носи директен пласман во четвртфиналето, иако се уште е рано да се прават вакви математики, сепак гостинските победи против Монпелје и Веспрем ни даваат за право дека можеме да се надеваме на нова голема победа. Двете екипи добро се познаваат имаме одиграно неколку натпревари со денешниот противник во последните неколку сезони. Со Рајн-Некар бевме дел од најсилната група и минатата сезона, кога во истава сала Вардар славеше со четири голови позитива, додека на гостувањето во Манхајм одигравме со нерешен резултат, тогаш спасител беше Штербик кој во последните секунди одбрани зицер удар на противникот.
Што се однесува до играчките промени во Рајн-Некар покрај Илија Абутовиќ кој дојде од Вардар, екипата од Манхајм ја засилија и Владан Липовина од Хутенберг, Штефан Фет од Фуксе Берлин, Јаник Колбахер од Вецлар и Јеспер Нилсен од ПСЖ. Тимот го напуштија Хендрик Пекелер и Харалд Рајнкинд (Кил), потоа Рафаел Баена кој ќе игра за Бергишер. Од Рајн Некар Левен си замина и повратникот Ким Екдал Ду Риц, кој ќе игра во ПСЖ, како и Момир Рниќ. Сигурно дека најмногу загубија со заминувањето на германскиот репрезентативен пикер, Пекелер кој важеше за важен играч на тимот, како во нападот така и во одбраната.
Гарсија Парондо и на овој дуел има проблеми околу составување на екипата, со оглед дека повторно ќе нема можност да смета на Стоилов, кој за среќа се враќа набргу, како и на подолго отсутниот Горбок, кој ќе биде надвор од терените сигурно и во наредните три месеци. Мораес Фереира кој иако не е целосно подготвен и се жали на болка во коленото, сепак бразилецот денес ќе стисне “заби„ да му помогне на својот тим, кон остварување на уште една голема победа. Голманското дуо на овој меч ќе го сочинуваат Милосављев и Гедбан, кои на спротивната страна ќе имаат голема конкуренција во имињата на Апелгрен и Палицка, кои бранат во одлична форма на стартот од сезоната.
Се очекува Вардар денес да ја има и најголемата поддршка од стартот на новата сезона, од своите верни Комити, кои најавија дека после завршување на фудбалскиот натпревар ќе се упатат во Јане Сандански. Сите знаеме од какво значење за Комитите за Вардар и колку можат да влијаат на конечниот резултат. Со нив на трибината секако дека ќе биде полесно за Вардар, а потешко за Рајн-Некар, што се однесува до освојување на бодовите. Не очекува вистинска ракометна класика, голема борба во текот на сите 60 минути, надмудрување на тренерите и играчите кај двете екипи и уживање за присустните гледачи во арената. Сите кои пак нема да бидат во сала, пренос од мечот ќе можат да погледнат на Арена Спорт 4. Ние сите се надеваме на добар натпревар на нашиот шампион и нова голема победа, која како што напоменавме ќе значи многу пред тешкото гостување кај Киелце.