На едно коло пред крајот на групната фаза, екипата на РК Вардар има шанса да го обезбеди првото место во најсилната група А, кое носи директен пласман во четврфиналето. За да се случи тоа, треба да триумфираме или евентуално да одиграме со нерешен резултат, во дуелот со екипата на Нант, меч кој е закажан за утре со почеток од 17:00 часот.
На првиот дуел одигран во Скопје славеше Вардар, со резултат 27:23, меч на кој противникот даде голем отпор. Нант после поразот од Загреб ги намали своите шанси во борбата да му конкурира на нашиот шампион за првото место, па сега примарна цел на тимот ќе биде да го сочува второто место, кое го напаѓа Барселона, која има само бод помалку од екипата на Нант. Утрешниот противник имаше победничко коло во францускиот шампионат, славејќи убедливо на гостински терен против тимот на Саран, додека пак црвено-црните после победата против Пик Сегед не одиграа друг натпревар, па имаа малку повеќе време од екипата на Нант. Најголема опасност по голот на Штербик треба да доаѓа од репрезентативците на Шпанија, Гурбиндо и Балагер, кои се водечки стрелци на екипата, а тука се француските репрезентативци, Клер, Турнат и секако голманот, Димулин кој знае многу често да стигне до двоцифрен број на одбранети удари. Во нивниот состав повторно ќе го нема Кирил Лазаров, кој се уште се опоравува од повредата, здобиена на ЕП во Хрватска. Истото кај Вардар, важи и за Иван Чупиќ кој се уште нема одиграно меч за црвено-црните оваа година, односно тој не беше меѓу патниците за утрешниот меч и остана во Скопје, каде дополнително ќе се одредува уште колку ќе биде надвор од теренот.
Дека теренот на Нант е неосвоива тврдина доволно говори фактот дека тие пред својата публика се уште немаат пораз оваа сезона во Лигата на Шампионите. Само екипата на Рајн-Некар успеа да извлече еден бод и тоа беше единствениот кој тимот на Нант го загуби во својата арена. Се надеваме дека пак Вардар ќе биде првиот тим кој ќе му нанесе пораз на противникот на својот терен. Не очекува интересен меч, на кој квалитетот е на страната на Вардар, додека домашниот терен е предност на Нант, па шансите се некаде израмнети за тоа кој ќе триумфира на овој дуел. Споменавме дека доколку Вардар освои барем еден бод, дефинитивно го освојува првото место во оваа група и втора сезона по ред ќе обезбеди директен пласман во осумте најдобри екипи во ЛШ.