Поради лошото прво полувреме, Вардар со висок пораз од 30:22 го заврши мечот против екипата на Порто, во рамките на 13.коло во најсилната група Б.
Натпреварот со гол го отвори екипата на Порто, но Вардар врати со три голови во серија и поведе со 1:3. Благодарение на младиот голман, Марко Кизиќ, кој одлично го стартуваше мечот и после само шест минути имаше четири одбрани. Скубе реализираше два гола во серија за позитива, но следеше серија за домашниот тим од 4:0, со кои поведе со 5:3. Кизиќ одбрани нов зицер, тоа не го искористивме во напад преку Стоилов, па противникот го израмни резултатот, за да реализираат уште два нови голови. Имаше криза во нашата игра, не можевме во нападот да најдеме позиција за удар, додека во 17 минута, домаќинот имаше и најголема позитива од три голови (7:4). Мора да се потенцира дека Кизиќ беше одличен на голот, со само 19 години, нашиот чувар делуваше како позади него да има големо искуство од натпреварите во Лигата на Шампионите. Слободно може да се каже дека негативата од само еден гол на полувреме, беше токму поради големиот процент на одбранети удари за Марки Кизиќ по првите 30 минути. Благодарение на неговите интервенции се вративме во игра, со головите на Шишкарев, намаливме на 10:9, додека на полувреме резултатот беше 11:10 во корист на Порто. Првиот дел, Кизиќ го заврши со 9 одбрани, од кои голем број беа зицери, или со 47% на одбранети удари кон неговиот гол.
Многу лошо го започнуваме второто полувреме, по седум минути игра, Порто направи серија од 5:1 и поведе со највисоки 16:11. Противникот стигна и до 18:11, но Вардар успеа да направи серија од 0:3 и да се врати колку толку во натпреварот. Многу грешки и нереализирани напади, па тешко беше да се игра во продолжение од мечот. Домаќинот поведе и со највисоки осум голови, 24:16 беше во 49 минута од натпреварот, по што полека се назираше победникот на овој меч. Во еден момент намаливме на пет гола негатива, но немавме сили за поголеми возбудувања. Порто го држеше под контрола резултатот и на крајот славеше со резултат 30:22.
Шишкарев постигна 7 голови, додека Дибиров и Скубе имаа по 3. После овој пораз, Вардар повторно падна на 6.место во групата. Во последното коло, Вардар е домаќин на Монпелје, додека Порто гостува кај Брест Мешков.