Екипата на Металург и спортската сала во населбата Автокоманда ќе бидат домаќини на завршниот турнир во машката младинската ракометна лига, кој ќе се одигра во четврток. Покрај домаќинот, тимот на Металург 2, за трофејот ќе се борат уште и екипите на Вардар, ГРК Борец и КЛ-7 од Струга.
Веќе се одредени и полуфиналните двојки, како и термините на одигрување на мечевите. Во првото полуфинале, кое е закажано во 10:30 часот ќе се сретнат екипите на Вардар и ГРК Борец, додека два часа подоцна ќе се одигра и дуелот помеѓу Металург 2 и КЛ-7 од Струга.
Младинците на Вардар кои се предводени од тренерскиот тандем, Чивлачки и Грчевски завршија на првото место во групата 1, пред екипата на КЛ-7 Струга. Црвено-црните на 13 одиграни натпревари имаа 12 победи, еден нерешен резултат и ниту еден пораз. Во другата група 2, како првопласирани завршија Металург 2, додека првото место му припадна на ГРК Борец, противникот на Вардар во полуфиналето. Велешани во групата одиграа десет мечеви, на кои имаа 7 победи, 2 нерешени резултати и само 1 пораз. Не очекува интересен Ф4 турнир во младинската лига, на кој фаворит е тимот на Металург 2, кој инаку се натпреварува и во најсилната супер лига, а ако се додаде и домашниот терен, сигурно дека ги прави фаворит број за трофејот, но тука е сигурно и нашиот Вардар кој има што да покаже.
Наптреварот за третото место се игра истиот ден, со почеток од 17:30 часот, додека големото финале е закажано во вечерниот термин од 19:30 часот.